Сестра Тереза, радикалната калуѓерка

Жената која претставува една од највлијателните јавни левичарски интелектуалки во Европа има неколку барања, од кои ниту едно религиозно, нејзината борба е - независноста на Каталонија, национализација и средување на јавните трошоци.

Штабот на сестра Тереза Форкадес се наоѓа во манастирот Свети Бенет, на планината Монсерат (во близина на Барселона). Нејзиното движење Proces Constituent има околу 50.000 следбеници и таа тврди дека сето она што го бара има корени во христијанската вера и побожноста. Плус има и сопствен ЈуТјуб канал.

Освен што сериозно ја критикува католичката црква и луѓето што ја водат, нејзината главна цел е уништување на меѓународниот капитализам и промена на мапата на Шпанија. Иако нема никаква намера да формира политичка партија или да се кандидира за која било позиција, движењето на сестра Тереза веќе има изработено програма од 10 точки:

- преземање на сите банка од страна на владата за да се спречат финансиски шпекулации.

- крај на намалувањето на работните места, фер плати и пензии, помали работни часови и плати за родителите кои седат дома.

- вистинска "партиципативна демократија" и чекори за спречување на политичката корупција.

- пристоен дом за секого и крај на сите хипотеки.

- промена на сите кратења на јавните трошоци и ре-национализација на сите јавни сервиси.

- право на индивидуата да го контролира сопственото тело, вклучувајќи го и правото на жената да решава околу абортус.

- "зелени" економски политики и национализација на енергетските компании.

- крај на ксенофобијата и укинување на законите за имиграција.

- ставање на јавните медиуми под демократска контрола, вклучувајќи го и интернетот.

- меѓународна солидарност, напуштање на НАТО и аболиција на вооружените сили во идната слободна Каталонија.

Во профилот кој го прави новинарот на БиБиСи, тој ја опишува Сестра Тереза како жена со природна дарба за говор во јавност, "која ја освојува толпата со радикални идеи од кои се уплашени голем дел од политичарите во Шпанија. Таа му се восхитува на Ганди, но и на дел од политиките на починатиот Хуго Чавез и на Ево Моралес."

16 септември 2013 - 10:23