Семејството Трамп ја шири империјата

Доналд Трамп тврди дека нема никаква врска со семејниот бизнис додека е на претседателска функција, но бодат очи градежните зделки на неговите синови по светот. Организацијата Трамп објави нови проекти за недвижнини во вредност од десетина милијарди долари во Саудиска Арабија - хотел, голф терен и луксузни вили во градот Дирија.

Помалку од два месеци откако Доналд Трамп го пречека во Белата куќа саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман, Организацијата Трамп ги прошири плановите за недвижности во земјата на принцот, со вкупни инвестиции од 10 милијарди долари.

Компанијата „Дар Глобал“, која соработува со Организацијата Трамп за градежни проекти на Блискиот Исток, вчера го објави најновиот заеднички проект - изградба на хотел и терен за голф со брендот „Трамп“ вреден 7 милијарди долари во Дирија - историски град кој се трансформира во туристички центар со поддршка од неисцрпниот саудиски суверен фонд. Имотот ќе вклучува и луксузни вили опишани во оглас како „домови за победници“.

Чист воздух, отворено небо, гледате повеќе ѕвезди отколку соседи... Не доаѓате тука за да избегате. Доаѓате тука затоа што сте го нашле своето место, пишува во промотивниот материјал.

Ова се надоврзува на изградбата на „Трамп Плаза“ во Џеда - кула во вредност од 3 милијарди долари. Промотивното видео за тој проект беше објавено само еден месец откако Трамп победи на изборите во ноември 2024 година.

Претседателот упорно тврди дека додека е на функција нема никаква улога во деловните зделки на Организацијата Трамп.

Немам никаква врска со семејниот бизнис. Тие работат насекаде. Всушност, може да направат многу повеќе со Саудиска Арабија, изјави Трамп за време на посетата на Бин Салман на Белата куќа во ноември.

Ерик Трамп, вториот син на претседателот, ги пофали и инвестициите во Оман и Обединетите Арапски Емирати, но вели дека е особено горд на новите проекти во Саудиска Арабија.

Имавме неверојатен успех во Џеда... градиме една од најубавите згради во светот. Земјата се однесуваше кон нас неверојатно добро. Нејзиниот експлозивен раст е неверојатен. Визијата за Ријад е неверојатна, изјави Ерик Трамп.

Деловните зделки на Трампови во Саудиска Арабија се под лупа за можен конфликт на интереси додека Доналд ја држи моќта во Белата куќа. Критичари предупредуваат дека деловните потфати имаат влијание врз политиката на Вашингтон. Кога Трамп му беше домаќин на МБС, тој не само што избегна да го спомне убиството на новинарот Џамал Кашоги, туку и ја пофали Саудиска Арабија за почитувањето на човековите права. 

Денес имаме исклучително почитуван човек во Овалната соба. И мој многу добар пријател. Многу сум горд за сè што направи во однос на човековите права и сè друго. Секогаш сме биле на иста страна за секое прашање, изјави Трамп.

На прес-конференцијата тој прекина новинар кој го потсети престолонаследникот Бин Салман на заклучокот од истрагата на ЦИА во 2018 година дека тој лично го наредил убиството на Кашоги.

Спомнувате некој што беше исклучително контроверзен. На многу луѓе не им се допаѓаше тој господин за кој зборувате. Без разлика дали ви се допаѓа или не, се случуваат работи. Но, нашиот гостин не знаеше ништо за тоа. Не мора да го срамите, рече Трамп.

14 јануари 2026 - 14:18