Сега и од зејтинот ли ќе треба да се плашиме?

Маслата од семки во последно време ги бие лош глас. Ги нарекуваат „The Hateful Eight“. Џон Кенеди Јуниор бара да бидат исфрлени и да бидат заменети со говедска лој. Во хор му се придружија инфлуенсери и подкастери, па и ресторани. Проблемот се масните киселини омега-6 и рафинирањето. Рецептот за добро здравје е во разумен компромис.

Ветувајќи дека ќе ја направи Америка повторно здрава (кампања брендирана како Мake Аmerica Healthy Again), првиот човек на американското здравство, Џон Кенеди Јуниор, упорно повикува на исфрлање на маслата од семки, опишувајќи ги како „една од најнездравите работи што ги имаме во храната“.

Кенеди ги поврзува овие широко распространети масла за готвење со „сите видови сериозни болести и воспаленија што имаат последици врз здравјето“.

Кампањатата предизвика гласни реакции по социјалните мрежи. Инфлуенсери, подкастери (особено Џо Роган) се мобилизираа во битката со маслата од семки. Ресторани ги исфрлаат од кујните.

Изразот „масло од семки“ е прилично нов и се однесува на масло за готвење исцедено од семки на различни растенија, а потоа рафинирано со хемикалии како хексан или синтетичкиот презерватив терцијален бутилхидрокинон (TBHQ). Како особено нездрави се издвоени маслата познати како „омразената осумка“ - од пченка,  сончоглед, репка, од семки од памук и грозје, од соја, шафран и од оризова лушпа. Главниот аргумент е дека маслото од семки е богато со омега-6 масни киселини, кои при претерано конзумирање може да предизвикаат воспаленија.

Омега-6 се полинезаситени масти што му се потребни на организмот, но не може самиот да ги создава па мора да ги добие преку храна. Помагаат да се намали лошиот холестерол и го намалуваат ризикот од срцеви заболувања и инфаркт.

Во стандардната американска исхрана ги има повеќе во однос на омега-3 - „здравите масти“ за срцето, мозокот, очите, зглобовите и кожата. Тоа не значи автомматски дека омега-6 се „нездрави масти“. Лекарите и нутриционистите препорачуваат здрав баланс на двете омеги во исхраната.

Докторката Бринта Васагар, матична лекарка и главен здравствен офицер во Здравствените центри за прогресивни заедници, објаснува дека безбедните масла со омега-6  може да бидат нездрави, во зависност што се прави со нив.

Во западната исхрана, маслата од семки вообичаено ги има во ултрапроцесираните храни. Зборуваме за прженици и за храна спакувана во кутија или лименка за да ѝ се продолжи рокот со месеци или со години. Тие имаат многу други нездрави состојки, висока содржина шеќери, масти и јаглехидрати, па тешко е да се утврди дали маслото од семки или другите работи го нарушуваат здравјето, вели Васагар.

МАХА препорачува маслата од семки да се заменат со лој од животинско поткло. Тој и сличните масти своевремено беа анатемисани откако истражувања покажаа дека заситените масти го зголемуваат нивото на холестерол. Тогаш се промовираа маргарин и масло од сончоглед.

Поздрава опција секако е маслиновото или избор на специфично масло за различна намена.

За пржење или скара користете масло од авокадо или рафинирано маслиново масло. За запржување или печење - екстра девствено маслиново. За салати некое нерафинирано, препорачува Лена Бил, кардиоваскуларна нутриционистка и портпаролка на Академијата за нутриционизам и диететика.

 

5 март 2025 - 11:58