Преговарачките процеси на глобалните климатски конференции се бескрајно сложени. Потребни беа повеќе од пет години само за да се испреговара „правилникот“ според кој договорот се спроведува во пракса. Правилото сите одлуки да се донесуваат со консензус им овозможи на Саудиска Арабија, Русија, Венецуела и на други држави зависни од нафта да ставаат вето на мерките.
Плановите тргнаа наопаку откако САД, најголемата светска економија одговорна за приближно една од секои осум тони јаглерод диоксид што се емитуваат денес, се повлекоа од Парискиот договор за време на мандатот на претседателот Доналд Трамп. Развиените земји што останаа да го поддржуваат процесот не понудија убедливи планови. На самитот во Дубаи во 2023 година земјите првпат се согласија за транзиција кон напуштање на фосилните горива, но не утврдија временска рамка.
Овогодишната глобална климатска конференција COP31 е првата со поделени водечки улоги, како невешт компромис помеѓу земји што тешко отстапуваат од фосилните горива. Домаќинот Турција планира да ги зголеми своите емисии на јаглеродни гасови. Претседавачот Австралија не стави крајна цел за извоз на фосилни горива. Британија отвора нови полиња за гас и нафта. Германија се откажа од забраната за производство автомобили со мотори со внатрешно согорување и го укина законот за греење преку обновливи извори. Повеќето богати земји ги намалуваат своите придонеси кон климатското финансирање наменето за сиромашните земји.
Многу од преземените обврски се покажаа како празни ветувања. Според тој критериум, доживеавме неуспех, вели Хуан Карлос Монтереј, поранешен пратеник за климатски прашања на Панама.

Вербата ја губат дури и луѓе вклучени во процесот. Конференциите се сведуваат на расправии околу формулациите и компромисите.
Структурите на конференциите се лавиринтски, бирократски и обесхрабрувачки. Можеби е време да се поедностават, за да се префрли фокусот на на националните цели за намалување на емисиите, вели Пол Бледсо, советник за климатски прашања во Белата куќа за време на администрацијата на Бил Клинтон.
По неуспехот на минатогодишниот COP30 во Бразил да наметне цврсти цели за постепено укинување на фосилните горива, речиси 60 земји во април одржаа алтернативен состанок во Колумбија и се договорија да изготват сопствени национални патокази за „напуштање на фосилните горива“. Во групата се три развиени индустриски земји - Франција, Германија и Холандија.
Дали Парискиот договор ќе спречи надминување на границата од 1,5°C? Во никој случај. Дали ќе спречи затоплување од 2°C? Малку веројатно. Но, трансформацијата што тој ја поттикна е од огромни размери, вели Клаудио Анџело од организацијата Observatório do Clima.
Пресудна ќе биде улогата на Кина, втора економија во светот и најголем загадувач со стакленички гасови.
Кина ги сфаќа мултилатералните напори за климатските промени посериозно од многу други земји. Причината е едноставна: нејзините економски влогови се зголемија енормно. Ако светот се откаже од декарбонизацијата, каде Кина ќе ги продава своите соларни панели и електрични возила?, забележува Ли Шуо од канцеларијата за Кинеска клима во Институтот АСПИ.