Претседателот Доналд Трамп го одобри стратегискиот нуклеарен договор од десетици милијарди долари со Саудиска Арабија, кој на кралството му овозможува да збогатува ураниум на своја територија. Извори во Вашингтон запознаени со процесот тврдат дека во договорот не е вграден цврст механизам што би го спречил Кралството да збогатува ураниум до повисоко ниво од она што е потребно за цивилни реактори.
Договорот ќе има важност од 30 години. Американските компании ќе имаат ексклузивно право да ја развиваат нуклеарната инфраструктура, за да се спречи протекување на чувствителна технологија до трети земји.
Стратегиското партнерство треба да биде потпишано денеска. Многумина демократски и републикански пратеници се против нуклеаризација на Блискиот Исток – ни на Иран ни на Саудиска Арабија. Но, малку е веројатно дека Конгресот би можел да го блокира договорот, бидејќи е потребно двотретинско мнозинство за да се надгласа одлуката на претседателот Трамп.
Договорот би можел да помогне во ревитализацијата на американската нуклеарна индустрија, да ги зајакне врските меѓу САД и Саудиска Арабија и да им ја одземе на Русија и Кина стратешки важната улога во саудиската нуклеарна програма. Но, ако не содржи соодветни ограничувања, вклучително и за степенот збогатување, тој би можел да ги зголеми ризиците од нуклеарна пролиферација на Блискиот Исток и пошироко, вели Роберт Ајнхорн, поранешен функционер на Стејт департментот, советник и на републиканските и демократските администрации за прашања поврзани со неширењето на нуклеарно оружје.

Саудиските власти долго време бараат дозвола од Американците да развиваат сопствена нуклеарна индустрија за да ги задоволат домашните енергетски потреби. Тоа би им ги зголемило приходите на нафташите, кои ќе можат да ја пренасочат за извоз голем дел од нафтата и гасот кои ги трошат дома.
Додека напредуваат проектите за инфраструктурата и изградбата на реакторите, експерти од двете земји ќе спроведат студија дали би било комерцијално исплатливо процесот на збогатување да се одвива на саудиска територија наместо да се увезува ураниум збогатен до потребното ниво. Ако истражувањето заклучи дека домашното збогатување е оправдано, Американците би ја изградиле постројката за збогатување според таен аранжман.
Улогата на САД би била да се спречи пренамена на новото и потрошеното гориво за воени цели. Но, не се јасно дефинирани услови за меѓународни инспекции, кои би гарантирале дека нема да се збогатува ураниум над дозволеното ниво. Саудијците го отфрлија механизмот за строг надзор од Меѓународната агенција за атомска енергија. Критичари предупредуваат дека тоа би можело да овозможи пошироки нуклеарни активности во кои не се вклучени САД.
Договорот не го опфаќа ни условот што поранешната администрација на Џо Бајден им го постави на Саудијците за поддршка на нуклеарната програма – претходно да воспостават дипломатски односи со Израел. Преговорите за нормализација беа во завршна фаза во 2023 година, но беа прекинати поради терористичкиот напад на Хамас во октомври и одмаздата на Израел врз Палестинците во Газа. Трамп го повика Ријад да се приклучи кон Аврамовите договори, но тоа не го постави како услов за нуклеарниот договор.