Трамп го мести Орбан за генсек на ОН

Администрацијата на Трамп наводно го охрабрува поранешниот унгарски премиер Виктор Орбан да влезе во трката за генерален секретар на Обединетите нации, како заеднички кандидат на САД, Русија и Кина. Орбан сака меѓународен дипломатски имунитет, но и гаранции од Вашингтон дека ќе му обезбеди доволно гласови во Советот за безбедност на ОН.

По поразот на изборите во Унгарија, Орбан се поврзуваше со низа меѓународни функции, но не е официјално во кругот на кандидати за прв човек на Обединетите нации во изборниот процес што почна во септември.

Актуелниот генерален секретар Антонио Гутереш треба да ја напушти функцијата на 31 декември. Најновото неофицијално гласање во Советот за безбедност не резултираше со кандидат прифатлив за сите пет постојани членки, што остава простор за вклучување на нови кандидати во подоцнежна фаза. 

Повикувајќи се на извори во три земји, Волстрит журнал објави дека идејата потекнува од Вашингтон. Во дискусиите кој би требало да го наследи Гутереш, американски дипломати постојано спомнувале „некој како Орбан“. Руските и кинеските колеги наводно одговориле позитивно, што го натерало Вашингтон директно да му се обрати на поранешниот унгарски премиер за можна кандидатура поддржана од три сили. 

Орбан е заинтересиран, но според изворите на Волстрит журнал, не е подготвен да влезе во трката без доверба дека може да победи. Очекува јавна поддршка од Доналд Трамп и од потпретседателот Џ.Д. Венс, но тоа веројатно би се случило откако ќе завршат изборите за Конгресот во САД.

Претставник на Стејт департментот проценува дека Орбан би можел „удобно“ да обезбеди осум гласа во 15-члениот Совет за безбедност на ОН, и дека потенцијално се на дофат дури десет. На кандидатот му се потребни најмалку девет гласа и да не биде блокиран со вето од петте постојани членки. Откако Советот за безбедност ќе препорача кандидат, Генералното собрание формално го назначува.

По изборите во Унгарија во април, истражувачкиот новинар Саболч Пањи  забележа дека Орбан имал пониски амбиции за меѓународна политичка кариера. Ја разгледувал можноста да биде на позиција во фудбалската федерација ФИФА или евентуално заменик-генерален секретар на ОН. Пањи првпат објави во мај дека со луѓе од кругот на Трамп разговарал за позиција која би му обезбедила дипломатски привилегии и имунитети. Неговата партија Фидес тогаш го отфрли извештајот како „лажни вести“.

На домашен план, политичките опции на Орбан му се стеснија. Во една од своите први одлуки, новата влада ретроактивно го ограничи мандатот на премиерите на осум години, со што го оневозможи неговото враќање на функцијата без нови измени на Уставот.

Во меѓувреме, премиерот Петер Маѓар и партијата „Тиса“ ја почнаа „Операцијата Чистилиште“ – поширока уставна реформа и антикорупциска кампања, чија цел е „раскрстување со политичко-економската мафија“ создадена во текот на изминатите 16 години, враќање на „незаконски одлеаното јавно богатство“ и отстранување на функционери кои владата ги смета за столбови на претходниот систем. Приведени се поранешниот гувернер на Централната банка и двајца поранешни министри, но досега не се покренати случаи против Орбан.

26 октомври 2026 - 09:08