Нетфликс се изгуби во сопственото сценарио

Сите холивудски студија и платформи долго време го копираа сценариото за успех на Нетфликс. Сега Нетфликс почна да го копира Јутјуб. Растот опаѓа, а вредноста на акциите речиси се преполови за една година. По неуспехот да ги купи студијата на „Ворнер Брос“, компанијата за стриминг отпушта креативци и личи на запуштена медиумска куќа на која ѝ е неопходен ремонт.

Минатата недела Netflix спроведе „холивудско крвопролевање“ како од филм на Квентин Тарантино. Гигантот во стриминг-индустријата отпушти околу 6% од вработените, вклучувајќи и некои од најкреативните директори. Целта е да се смират инвеститорите, кои се загрижени поради тоа што компанијата не продуцира големи хитови.

Во изминатиот квартал компанијата пријави раст на приходите од само 11,8% на годишно ниво, во споредба со 17,6% во истиот период лани. Пазарната вредност на акциите на Netflix во текот на изминатата година се намали за речиси половина. Инвеститори веќе се прашуваат дали директорите Тед Сарандос и Грег Питерс воопшто се способни да го задржат растот на двоцифрен процент во идната година.

Вината за слабата гледаност, недостигот од серии што го одразуваат духот на времето и малкуте освоени награди „Еми“, директорите ја префрлаат врз своите подредени. Ѝ дадоа отказ на шефицата за содржини Бела Баџарија, која помина речиси цела деценија во Netflix и на нејзино место го ангажираа Питер Рајс, кој претходно работел во Fox и Disney.

Но, продукцијата не е единствениот проблем. Во текот на изминатата година, Netflix се обидуваше да ги преземе филмските и телевизиските студија на Warner Bros Discovery но ја изгуби битката од помалиот холивудски ривал Paramount Skydance.

Никогаш навистина не дадоа добро оправдување за тоа. Ако сакате повеќе филмови, едноставно снимајте повеќе филмови. Нема потреба да купувате таков огромен систем вели Том Харингтон од фирмата за истражување на медиумите Ендерс аналисис.

Сарандос настојува да ги убеди инвеститорите дека „нема потреба од суштинска промена на стратегијата“ и покрај забавениот раст и обидот за огромна аквизиција. Сепак, индустријата за забава минува низ големи превирања. Како пионер во стримингот, Netflix некогаш го диктираше темпото што другите го следеа. Сега тоа го прави YouTube.

Според анализи на компанија за истражување на пазарот „Нилсен“, во изминатите четири години, повеќе луѓе гледале содржини на YouTube отколку на Netflix преку своите телевизори. Големата предност на Нетфликс е што заработува од стримингот. Бизнисот на YouTube со претплати е сè уште релативно мал.

Луѓето гледаат YouTube, но плаќаат за Netflix, укажува Марија Руа Агути од истражувачката фирма Omdia.

Кога станува збор за мобилните уреди, YouTube, TikTok и Instagram привлекуваат значително поголемо внимание. Netflix воведе кратки видеа прилагодени за форматот на паметните телефони, привлече дел од креаторите на содржини на YouTube и ги проширува своите активности во областа на забавата во живо, вклучително и спортот. Сепак делува сè понеорганизирано.

Тоа е паника поради YouTube, забележува Харингтон.

Под очекувањата е и продажбата на реклами - иницијатива што почна за време на претходниот пад во 2022 година. Питерс изјави дека оваа година очекува приход од реклами од 2,7 милијарди долари, што е 10% помалку од прогнозите. Ако YouTube и другите платформи продолжат да го одвлекуваат вниманието на гледачите, а директорите не го променат пристапот, постигнувањето на целите ќе стане уште потешко, што ќе значи нови отпуштања и радикални мерки за штедење.

******
Види и: Нетфликс изгуби 15,1 милијарди поради забеганите серии за деца

Κако Нетфликс ја прекина традицијата што ја правеше телевизијата посебна

26 октомври 2026 - 12:57