Зеленски во 2023 одбил мировен план поволен за Украина

Охрабрен од контраофанзивата и од Џо Бајден, украинскиот претседател пред три години одбил мировна понуда со која би задржал многу повеќе отколку што сега и самиот бара. Решил да војува. Последиците се загубена територија, илјадници загинати војници и цивили, огромна штета врз инфраструктурата, празна државна каса, но и збогатени воени профитери.

Според извори на Фајненшл тајмс, потврдени од украински пратеник, претседателот Владимир Путин во 2023 година ја прифатил американската приватна мировна иницијатива, со која се барало да се повлечат сите руски сили на линијата на фронтот од пред инвазијата во февруари 2022 година. Од Киев единствено побарал да се откаже од членство во НАТО и да ја признае руската власт врз териториите кои и пред војната практично беа под руска контрола.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски и неговиот тогашен шеф на кабинет, Андриј Јермак ја одбиле понудата, а администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден не се ни обидела да ги убеди да го променат мислењето.

Извори вклучени во преговорите изјавиле за Фајненшел тајмс дека мировната платформа била приватна иницијатива на американскиот адвокат Ричард Кон и инвестицискиот банкар Боб Форсман, кои имале контакти со Кремљ и со Белата куќа. Се приклучиле и Матијас Варниг – поранешен офицер на источногерманската тајна полиција Штази, долгогодишен пријател на Путин и поранешен директор на гасоводот „Северен тек“ - како и украинскиот филмски продуцент Александар Родњански, кој бил вклучен во подготовката на преговорите во Истанбул во 2022 година. Варниг одржувал контакт со Путин, а Родњански комуницирал со Зеленски и Јермак. Кон, пак, бил во контакт со Ерик Грин, претставник на Советот за национална безбедност на САД, задолжен за прашања поврзани со Русија.

Според планот, Русија требало да ги повлече своите трупи од поголемиот дел од четирите региони што ги прогласи за „анектирани“ во есента 2022 година. Новата линија на разграничување приближно би ја следела предвоената граница. 

Од Украина се барало да ја признае руската контрола врз Крим и да ѝ овозможи на Москва непречен копнен коридор до полуостровот. Би добила гаранции од Алијансата дека ќе ја заштитат од евентуална идна руска агресија. Москва требало посебно да преговара со САД за сопствените грижи за безбедноста.

На 1 февруари 2023 година Варниг ги известил иницијаторите дека Путин го прочитал документот ред по ред, заокружил одредени делови и внел забелешки. Шефот на Кремљ се согласил со предлогот за територијално разграничување по линијата на фронтот, бил категорично против придружување на Украина во НАТО, но бил отворен за членство во ЕУ и за безбедносни механизми засновани на моделот од преговорите во Истанбул.

Ако можеме да се договориме за границата и за НАТО, можеме да разговараме за сè друго, наводно забележал Путин.

Охрабрени од успехот на воената офанзива кај Харков и Херсон, Зеленски и Јермак одбивале каков било мировен план и едвај прифатиле да ги погледнат документите. Изјавиле дека нема да направат никакви отстапки во однос на границите и биле убедени дека со војување ќе освојат поголема територија.

Родњански добил впечаток дека двајцата биле убедени дека руската армија наеднаш ќе се распадне, исто како војската на Саурон на крајот од Господарот на прстените, тврдат изворите на Фајненшл тајмс.

Иницијативата пропаднала затоа што администрацијата на Бајден не сакала да изврши притисок врз Кремљ. Тогашниот советник за национална безбедност, Џејк Саливан, го известил рускиот колега Јуриј Ушаков дека САД не поддржуваат неофицијални канали за комуникација.

Откако во летото 2023 година украинската контраофанзива не ги даде очекуваните резултати, барањата на Путин се зголемиле. Некои функционери во САД изразиле сомнеж дека Путин во тоа време навистина имал намера да преговара. Извештајот се потпира единствено на ставот на Варниг, Москва официјално не го коментира, а целиот текст на доверливиот документ не е објавен.

Украинскиот пратеник Олексиј Гончаренко ја потврди иницијативата и ја поткрепи со нови детали, за кои знаеле само мал број луѓе.

Не се преговараше само со Родњански. Клучната фигура беше Роман Абрамович – забележа Гончаренко на Икс. Рускиот олигарх веќе се појави како неформален посредник за време на преговорите во Истанбул во 2022 година.

Според Гончаренко, Кремљ дури бил подготвен да се откаже од нуклеарната централа Запорожје. Замрзнатите руски средства, во износ од приближно 300 милијарди евра, требало да се искористат за обнова на цела Украина, вклучително и за окупираните територии. Москва требало, на свој трошок, да изгради копнен коридор, автопат и железничка линија до Крим.

26 октомври 2026 - 11:18