САД ја притискаат Европа да одмрзне руски милијарди

Соединетите Држави побарале од европските земји да деблокираат дел од руските државни пари, кои беа замрзнати по инвазијата врз Украина, и да ги префрлат во посебен механизам под надзор на Вашингтон. Ова е дел новата американска иницијатива за заживување на преговорите за крај на војната и за постигнување сеопфатно мировно решение за Русија, Украина и Европа.

Американските преговарачи Стив Виткоф и Џаред Кушнер им ја претставиле оваа идеја на претставници од Украина, Франција, Германија, Британија, Европската Унија и НАТО пред една недела, објави Фајненшл тајмс, повикувајќи се на четири лица запознаени со состаноците во Мајами.

Украинците изразиле загриженост, а европските претставници се спротивставиле на идејата да се откажат од контролата врз парите или дел од нив да ѝ вратат на Москва.

Тоа едноставно нема да се случи, изјавил европски претставник, пишува Фајненшл тајмс.

Западните сојузници на Украина во 2022 година замрзнаа руски државни средства во вредност од околу 260 милијарди евра. Најголемиот дел од оваа сума е депонирана во Еуроклир во Белгија.

Европската Унија веќе издвои дел од каматата за да го покрие заемот од 45 милијарди евра за Украина, но се воздржува од допирање на главнината за да избегне правни ризици.

Лидерите на ЕУ претходно се обврзаа дека ќе ги искористат овие пари за финансирање на обнова на Украина, со намера да ги отпишат од очекуваните воени репарации за Русија како дел од мировен договор. Сепак, малку е веројатно дека ќе биде обезбедена едногласна дозвола од сите 27 членки.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, повеќепати истакна дека Москва ќе вложи максимални напори за да ги поврати заробените пари преку правни дејствија и судски постапки.

Американските посредници истакнале дека одмрзнувањето на дел од парите би било дел од сеопфатен мировен договор, кој предвидува повоена обнова на Украина и повторно енергетско поврзување на Русија и Европа со нафтоводи и гасоводи. Вашингтон побара од Киев да изготви проценка на трошоците за обнова и детален план како би се трошеле средствата. Притоа инсистирале на соработка со Светската банка заради спроведување реформи кои би обезбедиле отчетност.

Слична идеја се појави и во претходниот мировен план од 28 точки на администрацијата на Трамп, кој не доби поддршка.

******
Види и: Трамп турка нов мировен план за Украина

Нов обид на Брисел да црпне од запленетите руски милијарди

Европскиот грабеж на руските милијарди ќе ги уништи мировните преговори

15 октомври 2026 - 07:30