Трамп турка нов мировен план за Украина

Дозволата што Трамп ѝ ја даде на Русија да извезува дизел, која го изненади Зеленски и предизвика бурни реакции од Европа, всушност е само дел од сеопфатен план за крај на војната во Украина. На Киев му се нудат безбедносни гаранции и пари за обнова на земјата, а Русија би добила енергетски проекти и долгорочен извоз на нафта и гас на европскиот пазар.

САД и Европа полека се движат кон заеднички мировен предлог за крај на војната во Украина,  кој потенцијално би бил во интерес и на Киев и на Москва, иако во својата основа бара територијално решение што не ги задоволува и двете страни.

Новиот дипломатски напор бил претставен минатиот петок на Флорида, на состанок на американските посредници Џаред Кушнер и Стив Виткоф со украински функционери и претставници на Британија, Франција и Германија. Главниот предуслов бил Украина и Русија да запрат со меѓусебните бомбардирања на рафинерии.

Откако Зеленски се спротивставил, Трамп ѝ дозволи на Русија да извезува дизел и отворено побара Украина да избере нов претседател, кој нема да биде пречка за постигнување мир. Вашингтон им се заканил на Украинците и со прекинување на разузнавачката поддршка од САД, која е клучна за воените операции и која не можат да ја обезбедат од друг сојузник.

Треба да ги направиме проблемот и решението поголеми за да им помогнеме на двете страни да видат каква би била повоената ситуација, за потоа да направат отстапки, објаснува за Вашингтон пост американски функционер запознаен со мировната иницијатива.

Сеопфатниот мировен план има четири основни компоненти. Првиот столб е обновата на Украина. Светската банка и инвестициската фирма Блекрок би обезбедиле финансиска рамка за обнова на уништените делови од земјата, помош за семејствата на загинатите и ранетите војници и заживување на разурнатата економија. Од Киев биле побарани детални проценки на трошоците и гаранции дека парите нема да бидат разграбани од профитери во повоениот период.

Втората клучна компонента се безбедносните гаранции. Киев би добил гаранции дека САД и  европските земји воено ќе реагираат при евентуална нова руска воена инвазија. Москва во меѓувреме би преговарала за Европа за да ја адресира својата загриженост за безбедноста. 

Третиот столб би бил економската интеграција на Русија, Украина и Европа преку енергетски договор. Еден аспект би можел да биде гасовод и нафтовод за транспорт на руска нафта и гас до Европа, при што Украина и Русија би го делеле профитот. Според изворот на Вашингтон пост, нафтоводот значително би ја намалил цената на енергијата во Европа, а на Русија би ѝ овозможил „долгорочен пристап до европскиот енергетски пазар“. 

Четвртиот столб е територијалното разграничување по должина на постоечката линија на фронтот. Тоа засега е неприфатливо за Путин, кој повеќе пати предупреди дека Русија нема да ги запре воените офанзиви додека не ја заземе територијата на Донбас во целост.

САД ги предупредиле двете страни дека алтернативата на мировниот договор е да продолжи кошмарот на бојното поле и по градовите. Русија досега претрпе загуби од над 1,4 милиони загинати и ранети. Новата тактика на меѓусебни напади врз енергетската инфраструктура тешко може да принуди која било страна на отстапки и само ќе изложи на страдања милиони луѓе во градовите во текот на претстојната зима.

*****
Види и: Доналд Трамп: Време е Украина да добие нов претседател

13 октомври 2026 - 16:35