Како што објаснува експертката за економско војување од Кингс колеџот во Лондон, Ксениа Киркам, Европа „си пукаше во нога“ со својата стратегија за санкции и ја натера Русија да „избега од западните механизми на контрола“.
На сличен став е и професорот по меѓународни работи од американскиот Хамилтон колеџ, Алан Кафруни, според кого отсекувањето на руските нафта и гас само им наштети на интересите на Европа и ги наполни џебовите на американските корпорации, додека во исто време Русија продолжи на извезува на исток.
Дејли меил потсетува дека Русија сепак е под санкции од Западот веќе една деценија од почетокот на 2014 кога одлучи да го анектира Крим. Тие санкции не успеаа да ја спречат Русија да се вооружи и опреми за војната во 2022, исто како што санкциите од 2022 не ја пишманија околу специјалната операција.
„Санкциите извонредно многу влијаеа на однесувањето на Русија, но не во правецот кој беше деклариран од државите што ги воведоа.
Ако целта беше Русија да се запре, тогаш санкциите се изразито контрапродуктивни и ја направија Русија само поагресивна кон Западот, посебно кон САД,“ изјавува Киркам.
Кога по почетокот на војната Западот одби да му помогне на Киев со испраќање војска, тие компензираа со дополнително стегање на санкциите што требаше да ја осакати воената машинерија на Путин.
Оцената на Киркам за сите овие напори е „изолацијата на Русија е мит“:
„Москва формира силни сојузништва со своите БРИКС партнери и некои други држави од Блискиот исток, Африка и Латинска Америка, со цел да се креира нов глобален баланс на сила.
Она што сега го сведочиме е дека Русија развива алтернативни трговски патишта, системи за наплата и бесцарински зони кои ги заобиколуваат санкциите и западните механизми на контрола.
Најалармантен фактор за Западот е што на долг рок, неговото претерано потпирање на санкции ќе ги поткопа самите механизми преку кои функционираат санкциите, односно хегемонијата на доларот и контролата на ланците за снабдување.“
Кафруни иако очекува дека „милитаризацијата на економијата“ ќе има и свои слаби страни, севкупното влијание на војната врз руската економија е позитивно. За него е чист автогол одлуката на Европа да го прекине увозот на руски енергенси, тврдејќи дека европските држави сериозно настрадале од „бумеранг од санкции“.
Ако некој освен Русија имаше ќар од овие санкции тоа е американскиот енергетски сектор кој стана еден до водечките снабдувачи на Европа со енергенси по цени далеку повисоки од тие што до тогаш се плаќаа.
Киркам ги повика западните политичари да го проверат својот пристап кон санкциите, предупредувајќи дека сегашната траекторија на истите нема да ја намали воената ефикасност на Русија, туку би можела да има ненамерни последици за државите низ светот.