Руското воено производство драматично се намалува во првите шест месеци од почетокот на војната, за до крајот на 2022 тоа да воскресне на нивоа над предвоениот период. Во овој период руските тајни служби и министерството за одбрана успеваат да организираат мрежи на луѓе и компании кои шверцуваат клучни компоненти (процесори, чипови, матични плочи...) во Русија кои инаку не би смееле да припарат во земјата. Шверцот главно се врши преку компании во некоја од државите блиски на Москва, и политички и географски.
Њујорк тајмс цитира западни функционери од одбраната според кои Русија пред војната произведува 100 тенкови годишно, а денес бројката е 200 тенкови. Слично е и со производството на артилериски гранати, кое од 1 милион пред војната, сега е пораснато на 2 милиона годишно.
Притоа еден од поголемите успеси на Русија е и што, преку кратење на безбедноста и квалитетот, гранатите што ги произведува ја чинат 10 пати поевтино отколку што го чинат Западот. Конкретно една 155-милиметарска граната го чини Западот од 5 до 6 илјади долари, додека Русија една 152-милиметарска граната ја чини околу 600 долари за да ја произведе.
Според високиот естонски функционер од министерството за одбрана, Кусти Салм, сегашното руско производство на муниција е седум пати поголемо од производството на Западот.
Проблемот со санкциите на клучните високо-технолошки компоненти кои Русија мора да ги увезе е што се работи за мали производи како чипови, од кои повеќе од стотина би можело да ги собере во обичен ранец и не бараат некој специјален начин на транспорт.
„Бидејќи санкциите имаа вистинско влијание, руската влада не крена раце и да се предаде. Тие станаа се повеќе и повеќе креативни со начините за шверц,“ објаснуваат од американскиот Департман за трговија.
Моментално САД и ЕУ имаат заедничка листа на 38 различни категории на производи чиј извоз во Русија е забранет.