Русија на колена, поскапе путерот

Најновиот јавач на неизбежната апокалипса на руската држава е информацијата дека во Русија почнал да се краде путер во супермаркети заради неговата висока цена, а дел од сопствениците почнале и да го заклучуваат.

Кражбите и заклучувањето се последица на пораснатите цени на путерот, што пак се последица на војната на Путин во Украина.

Британски Телеграф прогнозира дека проблемите со путерот би можеле да помогнат во постигнување мир во Украина. Ваквиот оптимизам се базира на извештаи дека од октомври годинава неделно се пријавуваат до 50 кражби на путер.

Русија изминатиов период има и сериозна инфлација, а каматните стапки се пораснати на 21%. Според американски пресметки „инфлацијата претставува најголема закана“ за руската економија. Таа исто така ја поткопува и довербата во рубљата, која изгуби една третина од својата вредност од август годинава.

Телеграф ги пренесува и руските медиуми кои предупредија на раст на цените, низок раст на БДП и висока невработеност.

Аналитичарите со кои разговара Телеграф објаснуваат дека инфлацијата нема да предизвика масовни протести во Русија, но неизбежно ќе наштети на популарноста на Путин.

Други експерти тврдат дека слабата рубља е во корист на плановите на Москва за поголемо трошење на одбрана. Речиси половина од сите приходи на Кремљ доаѓаат од извоз на нафта и гас. Бидејќи овој извоз вообичаено се плаќа во странска валута, тоа значи дека Русија има повеќе пари за трошење кога средствата ќе бидат префрлени во рубљи.

3 декември 2024 - 13:57