Одлуката на Кина се должи на нивната желба да ги заштити своите граѓани од странскиот отпад па во иднина одбива да биде „депонијата на светот“.
Со вака, крајно разбирлива блокада, од кинеска страна САД и Западот ќе треба да свртат во сосема нов правец во справувањето со пластиката. Иако прво решение што паѓа на памет е рециклирање, во пракса статистиката покажува дека само 9% од пластиката во САД се рециклира.
„Не се работи за тоа колку внимателно Американците го сортираат пластичниот отпад, туку дека едноставно има премногу таков отпад за САД, или која било друга земја, да се справи со него,“ пишува Моника Вилсон во текстот за Гардијан.
Ако кинеската блокада помогна за нешто тоа е посериозно и систематски да се разговара за инфраструктура за рециклирање и унапредување на материјалите за пакување за кои претходно се веруваше дека можат да се рециклираат.
Во загадувањето во САД придонесуваат и решенијата од крајот на 1980-те, кога се почна со масовно инсталирање на печки за согорување на отпадот (на кои со тек на време им беа натакнувани секакви филтри). Како што се откри дека тие емитуваат некои од најотровните издувни гасови, токсичен пепел и плус беа проследени со технички проблеми, печките почнаа да се тргаат од употреба. И покрај ова и понатаму има десетици вакви печки расфрлани во САД кои и се уште активно ја загадуваат околината. Еден од најпознатите вакви случаи е согорувачот во Детроит, кои во изминатите 5 години повеќе од 750 пати ги има надминато границите за загадување, „придонесувајќи за една од највисоките стапки на астма во земјата“. Освен ова печката му направи долг на градот од 1,2 милијарди долари.
Една од „шемите“ за рециклирање доаѓа од градот Бојси, во која од граѓаните се бара да ја рециклираат пластиката со тоа што ќе ја ставаат во специјални портокалови вреќи. По ова настапуваат властите кои пластиката ја „рециклираат“ така што ја топат и од нејзе создаваат фосилно гориво.
Останатите мерки кои се преземаат за борба со пластичниот отпад обично удираат на потрошувачот а не на производителот, и вклучуваат забрана за користење на пластични кеси, или користење на пластика за една употреба (чаши, кутии, цевки за пиење).
„Кинеската политика дава шанса еднаш засекогаш да ја откажеме нашата навлеченост на пластика и да извршиме притисок врз најодговорните: не потрошувачите, не градовите, туку врз производителите,“ порачува Вилсон.