Речиси и нема кој не го прислушува Трамп

Секој пат кога Трамп ќе го крене приватниот мобилен за да се чуе со пријателите (да се пофали или да оговара), во разговорот има уште најмалку три пасивни страни: домашни шпиони, плус кинески и руски.

Соработниците на Трамп во повеќе наврати му имаат нагласено дека приватниот Ајфон не му е безбеден и дека руските разузнавачи редовно ги прислушуваат неговите разговори. Паралелно со ова американските разузнавачки извештаи пак наведуваат дека кинески шпиони со внимание ги пазат разговорите на американскиот претседател.

Извештаите од Белата куќа се дека Трамп во последно време наводно дава се од себе за да го користи фиксниот (безбеден) телефон што го има на работа, ама дека се уште се нема откажано од својот Ајфон. За сега сите надежи се полагаат во тоа дека кога Трамп разговара на небезбедни линии избегнува дискутирање на тајни информации.

Сегашни и поранешни владини функционери објаснуваат дека Кинезите гледаат да го искористат она што го дознале од разговорите што ги прислушуваат (како размислува Трамп, кои аргументи и кои луѓе е веројатно да го предомислат) смирување на трговската војна со САД. Според исти извори, Кинезите имаат составено список од луѓе кои до сега најмногу успеале да влијаат на претседателот надевајќи се дека ќе им послужат за смирување на топката.

Во исто време руското прислушување нема ни приближно софистицирана позадина, и генерално се врши по службена должност, односно го прислушуваат затоа што можат да го прислушуваат.

На американските служби им сосема јасно што е целта на прислушувањето, објаснувајќи дека Кинезите и Русите во разговорите „ќе ја бараат дури и најмалата работа - колку лесно некој го предомислил за нешто, кој аргумент бил употребен.“

Моментално Трамп поседува два службени Ајфони кои се адаптирани од НСА за затворање на сите нивни безбедносни пропусти, и трет личен Ајфон кој е идентичен на кој било Ајфон купен од продавница. Третиот телефон Трамп го чувал затоа што на него можел да запишува контакти, за разлика од првите два. Иако Трамп би требало на секои 30 дена да ги менува службените уреди, тој тоа ретко го прави затоа што му е замарање.

Њујорк тајмс пренесува дека Трамп обично се решава на користење на приватниот телефон, кога не сака неговиот повик да оди преку централата во Белата куќа, каде разговорите се евидентираат и им се достапни на повисоките функционери од неговата администрација.

Иако не се знае што точно е направено на службените смартфони на Трамп, Ајфонот што го користеше Обама не можеше да врти на телефон, немаше камера, ниту микрофон, не можеше да испраќа пораки или да симнува апликации. Меѓу малкуте опции што ги имаше беше примање мејлови и тоа само од специјални адреси кои ги имаа ограничен број вработени и блиски на тогашниот претседател.

25 октомври 2018 - 14:40