
За католичките теолози, одлуката на кардиналот Роберт Превост да го земе папското име Лео не може да биде појасен сигнал за насоката во која првиот Американец избран за папа ќе ја води Католичката црква.
Тие тврдат дека Превост ја врзува својата мисија со Лео 13-ти, една од основните фигури на модерното католичко општествено учење, кој на крајот од 19 век се залагал за правата на сиромашните и за работничката класа во услови на длабоки економски промени.
Лео 13-ти бил понтиф од 1878 до 1903 година, во Позлатеното доба во САД и Втората индустриска револуција низ светот. Иако католицизмот долго време проповеда грижа за сиромашните, овој папа во енцикликата „Rerum Novarum“ од 1891 година исчекорил кон духовна одбрана на синдикалното организирање и правата на работниците. Тој ги осудил „богатите сопственици и сите господари“ што се обидуваат да профитираат од сиромашните.
Неговите пораки беа насока за низа папи по него да пишуваат енциклики со поддршка на сиромашните, имигрантите, жените, а против капитализмот и концентрацијата на богатството и моќта во рацете на малкумина.
Во 1931 година папата Пие 11-ти ја издаде својата „40-годишна енциклика“ посветена на Rerum Novarum, со проширени учења за трудот и со порака дека „мора да се препознае човечкото достоинство на работникот“. На 80-годишнината папата Павле Шести се заложи за еднаквост и им се обрати на младите и особено на жените.
Законодавството, напиша тој, треба да ја признае независноста на жената како личност и нејзините еднакви права да учествува во културниот, економскиот, социјалниот и политичкиот живот.
Во 1991 година, папата Јован Павле Втори го објави „Centesimus Annus“ со критики за „разорната сиромаштија“ во земјите во развој и за економска, културна и духовна сиромаштија предизвикана од сили како консумеризмот.
Џејмс Ф. Кинан, језуитски свештеник и профеосор по теологија на Бостонскиот колеџ објаснува дека изборот на името Лео изразува желба на новиот папа да се надоврзе на наследството на претходниот. Кога аргентинскиот кардинал Хорхе Марио Бергољо во 2013 година го избра папското име, објасни дека му изразува чест на Свети Франциско од Асиси, познат по посветеноста кон сиромашните.
Франциско се грижеше за сиромашните, им служеше, собираше пари за нив, ги посетуваше и ги благословуваше. Новиот папа избира да биде застапник на сиромашните. Не само некој што ќе се грижи за нив, туку и спремен да ги брани, вели Кинан.