Приватната средба меѓу Путин и британски студенти

Иако уште се нема сретнато со новата британска премиерка, Путин најде време за два часа да седи и да разговара со 11 студенти од едно од најскапите и најстари британски училишта, Етон колеџ.

Средбата, според британски Телеграф, е договорена од руски епископ по неговиот говор на Беркшир колеџот во март годинава. Се уште не се знае кога точно е одржана.

Весникот пренесува изјава на еден од студентите, Давид Веи, кој објаснува дека го организирал патувањето за "унапредување на односите меѓу Западот и Русија." Веи на Фејсбук напишал:

"Ми требаа вкупно десет месеци, 1040 мејлови, 1000 текст пораки, и неброени неспиени ноќи, постојана параноја за време на испитната сесија, послаби резултати на испитите... ама тука сме.

Момци, навистина длабоко го импресиониравме Путин, а тој одговори со покажување на неговиот човечки лик."

Од Етон колеџот изјавуваат дека патувањето на ниту еден начин не е поврзано со училиштето, и дека тоа е "приватна посета на мала група момци организирана на нивна иницијатива и независно од колеџот." Според Телеграф, Кремљ одбил да коментира.

Дел од единаесетмината, на Фејсбук го раскажуваат своето искуство во Кремљ. Еден од нив пишува: "2-часовен состанок со Претседателот Путин. Тој беше мал како појава, но не и како присуство."

Според извор на Сан близок до студентите, момците биле во посета минатата недела, а во разговорот Путин најмногу бил заинтересиран за Етон, пред се заради сите британски политичари кои го посетувале.

 

2 септември 2016 - 10:23