Пригожин е човекот кој никогаш не бил дел од руската влада, а постојано е дел од Кремљ барем од доаѓањето на Путин. За цело ова време, тој значително напредува како финансиски, така и со влијание. Ова второто го достигнува врвот со формирање на сопствената платеничка армија Вагнер група, која почна со работа за време на немирите во Украина во 2014, а стана светски озлогласена за нивната улога во новата војна во Украина.
Негов последен потег е обидот да ја стави под свое политичката партија Праведна Русија, чиј лидер, Сергеј Миронов, неодамна го нарече Вагнер „херојска воена формација“. Според независниот руски медиум, Медуза, тој наводно е заинтересиран за петербуршкиот огранок на партијата кој се смета за нејзиниот највреден посед и кој им носи место на федерално ниво.
Ова е во согласност со долгогодишните тврдења на независни руски извори дека Пригожин има сопствени политички амбиции, на што се надоврзува и американскиот институт ИСВ, според кој зближувањето на Пригожин и Миронов би можело да предизвика „дополнително фракционерство во Кремљ“.
Сепак процените на Медуза се дека најголем проблем на Пригожин во патот до руското претседателство ќе биде што рускиот естаблишмент веќе има сериозен отпор кон него и нема да му биде дозволено целосно преземање на партијата.
Пригожин периодов е во сериозен и отворен судир со руското министерство за одбрана, кое го критикуваше неколку пати дека преку спречување на снабдувањето со муниција на војниците на Вагнер директно е одговорно за тоа што уште го немаат освоено Бахмут.
На почетокот од војната тој ја критикуваше одлуката да се тргне на Киев, а неодамна објави и слика од неколку дузини убиени припадници на Вагнер во Бахмут, за чија смрт директно го обвини руското министерство за одбрана.
„Нема опасност за Путин да биде соборен. Но тој станува се постар, и како што стареат диктаторите, така оние со амбиции се обидуваат себе си да се позиционираат за пополнување на дупката останата по смртта на лидерот,“ изјавил професорот по политика од Универзитетот Принстон, Марк Бесинџер.
Професорот објаснува дека Пригожин е човек кој знае како да го обработи системот, но никогаш не бил прифатен од елитата како еден од нивните, „тој не се идентификува со елитата на олигарси, без разлика колку е богат во моментот.“
Процената на Бесинџер е дека Пригожин се уште е толериран затоа што му е корисен на Путин, и во војната му обезбедува услуга која војската не може да ја даде.
Други европски аналитичари сметаат дека Пригожин нема никакви политички амбиции и сите муабети дека тој ќе биде следниот претседател или министер за одбрана „се апсолутно ѓубре“. Процената на аналитичарот што го пренесува Еуроњуз е дека дури и на Пригожин да му бидат дадени поголеми овластувања тие ќе бидат во служба на Кремљ, каде тој ќе биде само нивна алатка.
Тој смета дека муабетите за Пригожин се базираат на тоа што тој е еден од ретките луѓе надвор од Кремљ кој отворено и јавно зборува за војната и инсајдерски ги критикува потезите на руските власти.