
Демократската партија на САД спроведува нов стратегиски план со кодно име SAM (кратенка за „Зборувајќи со американски мажи“) со цел повторно да ја привлече својата гласачка база, од која беше изневерена на изборите. Планот опфаќа истражувања со цел „да се дешифрира јазикот и културата на разочараните млади мажи“, и пропагандна кампања за обновување на имиџот, дури и со реклами во видео-игри.
Пред сè мораме да го промениме морализирачкиот тон, се заклучува во планот.
Анализите покажуваат дека за победата на Трамп клучна била поддршката од младите Американци, црнците и латиносите, кои не се традиционална гласачка база на републиканците. Работничката класа ги напушти демократите уште порано, па тие останаа партија на елитите со диплома и бранителите на политичкиот и економски систем, кој беше јасно отфрлен од гласачите во ноември.
Демократите се охрабрени од неодамнешна анкета, кои укажуваат дека 56% од Американците имаат неповолен став за политиките на претседателот Доналд Трамп, освен за безбедноста на границите. Но, друга нова анкета на НБЦ њуз покажува дека рејтингот на демократите е само 27%, најнизок по 1990 година.
По истражување во 250 фокусни групи на неопределени гласачи, консултантката Анат Шенкер Осорио илустративно ги споредува двете партии со животни. Гласачите ги сметаат републиканците за тигри и ајкули што грабаат кога ќе им се посака, а демократите за пасивни желки, полжави или мрзливци. Еден гласач ги опишал демократите како „елен што зјапа во фарови од автомобил, но не се поместува од патот“.