
Градската советничка за образование Бетина Емерлинг наведува дека 41,2% од учениците во Виена се муслимани. Христијани се 34,5%, од кои римокатолици се 17,5%, а православни 14,5%. Следува категоријата деца без религиозна припадност (23%), будистите (0,2%) и Евреите (0,1%). Другите религиозни заедници сочинуваат 0,9%. Со истражувањето бике опфатени 112.600 деца во основни, средни, специјални и политехнички училишта.
Во Виена се практикува интензивен и меѓурелигиски дијалог. Човечкото достоинство, плурализмот и демократијата, особено за младите луѓе, мора да бидат нешто што се подразбира, исто како и еднаквиот третман на мажите и жените. Во раните години од развојот, честопати е полесно да се научи и практикува капацитетот за плурализам, забележа Емерлинг, членка на партијата НЕОС.
Студии покажуваат дека муслиманската младина во Виена сè повеќе изразува навредливи ставови. Забележани се антисемитизам, непријателство кон ЛГБТ заедницата и отфрлање на родовата еднаквост.
Никој во Виена не треба да го базира својот животен стил на фундаменталистички толкувања на религиозни текстови кои се непријателски настроени кон жените, малцинствата, државата или демократијата. Затоа повеќе од кога било досега ни е потребен задолжителен, заеднички предмет „Живеење во демократија“ за сите деца што почнуваат во основно училиште. Предавањето демократија, вредности и етика мора да има заедничка основа, изјави Емерлинг.
Таа го поздрави фактот што министерот за образование, Кристоф Видеркер веќе презентирал планови во оваа насока.
Дебатата за новиот предмет е одраз на пошироки напори на Австрија и други европски земји како да ја усогласат верската слобода со подготовката на младите луѓе за живот во разновидни и сè повеќе мултикултурни демократски општества.
Австрија долго време има модел на образование со веронаука поделена по религии, но сè поголем број политичари бараат предмети во кои сите деца заедно учат за демократијата и општествените вредности.