Во 1964 година, американскиот претседател Линдон Б. Џонсон објави „безусловна војна против сиромаштијата“ и оттогаш, федералните трошоци за иницијативи против сиромаштијата постојано се зголемуваа.
Федералната влада во моментов посветува стотици милијарди долари годишно на програми за Американци со ниски примања, вклучувајќи субвенции за домување, бонови за храна, социјална помош и даночни кредити за работнички сиромашни семејства.
Во сите тие години таквото трошење направи доста добри работи, па сепак, никој не би рекол дека Америка ја доби војната против сиромаштијата. Една причина: поголемиот дел од парите не одат директно на луѓето на кои би требало да им помагаат. Наместо тоа, се дисперзираат на цела ергела посредници од приватниот сектор.
Почнувајќи од 1980-тите, американската влада агресивно продолжи со приватизацијата на многу владини функции со идеја дека приватните бизниси ќе се натпреваруваат да ги испорачаат овие услуги поевтино и поефикасно од куп мрзливи бирократи.
Резултатот е профитабилен и политички моќен збир на индустрии кои се напојувани од владините програми и нивните пари против сиромаштијата и притоа нивниот бизнис модел зависи од постоењето сиромаштија. Накратко, се богатат од нечија сиромаштија.
Денес такви приватни изведувачи водат државни програми на Медикеид, даваат обука за работа на примателите на социјална помош и дистрибуираат бонови за храна.
„Лошо дизајнираните политики против сиромаштијата создадоа екосистем на бизниси кои не склучуваат договор директно со владата, но зависат од кратење на придобивките што ги добиваат сиромашните Американци. Овие индустрии ги нарекувам „Сиромаштија АД“. Ако некој ја добива Војната против сиромаштијата, тоа се тие“, пишува Ен Ким во Атлантик.
На пример, за да се квалификува човек за некоја државна бенефиција, најпаметно е да се плати упатен сметководител, паметно да ја срочи даночната пријава. Само во Мериленд, на такви зналци во една година биле потрошени 50 милиони долари. Тоа се 50 милиони долари помалку за храна, кирија, отплата на студентски долгови...
Пополнувањето даночни пријави е само еден бизнис модел кој се храни од парите за сиромаштијата. Постојат фирми за недвижнини кои управуваат со имот исклучиво за станари кои добиваат федерални субвенции за домување и стоматолошки ординации кои се грижат првенствено за сиромашните деца на МедикЕид.
Друга дивизија на „Сиромаштија АД“ се изведувачите кои се директно платени за да даваат услуги во име на владата.
Една таква компанија, Медикус, која го менаџира системот за социјална помош, лани пријавила бруто профит од 1 милијарда долари. Нејзиниот директор има годишна плата и бонуси од 7 милиони долари.