Полска скапо ги плаќа одбиените вакцини од Фајзер

Варшава мора да плати отштета од 1,3 милијарди долари за десетици милиони вакцини против ковид од Фајзер кои ниту сакала да ги прими ниту биле произведени, туку само биле нарачани преку шемата на Урсула фон дер Лајен. ЕУ застана во улога на извршител за американската компанија. Во спорот ни крива ни должна настрада полската контрола на летови.

Фајзер уште пред три години покрена тужба против Полска затоа што во 2022 година тогашната влада на партијата Право и правда одби да прими и да плати 64 милиони дози вакцини, оценувајќи ги условите како неповолни.

Договорот за набавката, вклучувајќи ги бројот на потребните дози и нивната цена, не го постигна Варшава, туку Европската комисија на ниво на цела ЕУ. Условите од договорот, оспорени во аферата „Фајзергејт“, сè уште не се објавени. 

Договорите не содржеле клаузула за излез во случај на ненадеен пад на побарувачката за вакцини. Фајзер воопшто не ги ни произвел дозите наменети за Полска, што значи дека финансиските загуби на компанијата се неспоредливо мали со отштетата од 1,3 милијарди евра.

Но, ова отвори уште поголем спор. Белгиски суд на 1 април во првостепена и необврзувачка одлука пресуди дека Полска мора да плати за дозите што ги одбила. За да ја обезбеди наплатата, Брисел воведе контроверзна мерка за привремено замрзнување и заплена на средствата наменети за Полската агенција за контрола на воздушниот сообраќај PANSA. Иако агенцијата нема врска со вакцините, таа е издвоена како жртва затоа што 80% од средствата ги добива од европската агенција Eurocontrol со седиште во Белгија, која во овој случај е во улога на извршител.

Само неколку дена претходно, Eurocontrol исто така заплени средства наменети за романската агенција за контрола на воздушниот сообраќај. Полска и Романија беа единствените земји што го одбија дополнителниот договор меѓу ЕУ и Фајзер во 2022 година.

Премиерот Доналд Туск досега реагираше релативно воздржано на пресудата и на запленувањето на средствата на PANSA. Тој се обидува вината да ја префрли на своите претходници.

Уште од првите денови на нашата влада се трудиме да го решиме овој драматичен проблем. Ситуацијата изгледа прилично лошо, изјави Туск.

Сегашната опозиција го потсетува Туск дека тој лично е одговорен. Право и правда во 2023 година се приклучи на тужбата поднесена од белгискиот лобист Фредерик Балдан во врска со скандалот Фајзергејт, но владата на Туск се повлече од тужбата и практично ја овозможи неодамнешната пресуда на судот во Брисел против Полска. Против Туск се свртеа и министри од неговиот кабинет.

Американската корпорација се однесува кон Полска како кон американска колонија, изјави во Катажина Пелчинска-Наленч, министерка за европски фондови и регионална политика.

Правниот експерт Кшиштоф Лишик изјави дека нема никаква логика непостоечките трошоци на Фајзер да се плаќаат од агенцијата за контрола на летот. Сумата што PANSA ја добива од Брисел не е доволна за побарувањата.

Операцијата веројатно треба да послужи како демонстрација на моќ или предупредување до другите земји да ги почитуваат договорите, смета Лишик.

Полските медиуми веќе шпекулираат дали владата треба да ги намали редовните државни субвенции за лекови на Фајзер, на кои само во 2025 година од буџетот биле потрошени околу 220 милиони евра. Варшава во жалбената постапка би можела да ја оспори и легитимноста на испораките на вакцини, бидејќи германската компанија Bayer веќе поднесе тужба против Фајзер за прекршување на патентните права.

******

Види и: Фајзергејт ја откри вистинската природа на ЕУ
Комисијата на ЕУ призна дека одобрила непроверени вакцини

18 јули 2026 - 09:26