Исто како и во случајот на Полска, и германскиот канцелар Фридрих Мерц ја наведе заканата од Русија како повод за големиот пресврт во политиката на Берлин и најави дека „повторно ќе ја направи германската војска најмоќна во Европа“. Многумина во Полска забележуваат дека вооружувањето на Германија само по себе не е закана, сè додека Берлин и Варшава одржуваат пријателски и партнерски односи.
Со членството во Шенгенската зона на слободно движење двете земји практично ја избришаа меѓусебната граница. Од неодамна воведени се контроли за да се спречат нелегален проток на имигранти што главно доаѓаат преку Белорусија.
Премиерот Доналд Туск и министерот за надворешни работи Радослав Шикорски жестоко го нападнаа Навроцки дека со изјавата за одбрана на западната граница поттикнува „антиевропски чувства“.
Претседателот повторно го посочи Западот како главна закана за Полска. Ова е суштината на конфликтот меѓу антиевропскиот блок и нашата коалиција, смртоносен сериозен спор за нашите вредности, безбедност и суверенитет, забележа Туск.
Но, министерот Шикорски во својата критика ја остави отворена можноста од потенцијална закана во иднина.
Не постои закана за западната граница на Полска сè додека Германија е членка на НАТО и ЕУ и е предводена од христијанските демократи или социјалдемократите, изјави Шикорски.
Навроцки ја даде контроверзната изјава говорејќи на комеморацијата на полското востание во Велкополска против Германија во 1918 година. Востанието доведе до тоа регионот да ја напушти Германија и да стане дел од Полска. Еден месец претходно, Полска ја врати својата независност од Русија, Германија и Австро-Унгарија, кои ја поделија земјата во осумнаесеттиот век.

Навроцки им изрази почит на луѓето што во годините на поделба го зачувале својот полски идентитет и се кренале против Германија во 1918 година. Тој додаде дека во периодот на поделба, Полска била цел на германски империјализам и напори да се уништи полската култура и националното наследство.
Овие Полјаци ни дадоа пример како можеме да триумфираме како национална заедница отворена кон запад, но исто така и подготвена да ја брани западната граница на републиката, изјави претседателот.
Во 1939 година Советскиот Сојуз и Германија координирано ја нападнаа и ја поделија Полска. По Втората светска војна, Полска доби некои територии од Германија како компензација за жртвите во војната. Берлин ги призна новите полски граници дури во 1990 година, како дел од договорот со кој се обединија Источна и Западна Германија.
Опозициската партија ПиС, со која е поврзан претседателот, отсекогаш била претпазлива кон Германија и ја претставуваше како потенцијална закана за суверенитетот на Полска. За време на владеењето на ПиС од 2015 до 2023 година Варшава и Берлин имаа спорови за миграцијата, енергијата, климатските политики, и особено за полските барања за неисплатени воени репарации од Втората светска војна.
Туск, кој важи за голем сојузник на Германија, го врати во фиока прашањето за репарации, но лани воведе контроли на западната граница, за да ги запре нелегалните мигранти што Германија почна да ги враќа во Полска.