Погодете кој ќе претседава со форум на ОН за женски права?

Without further ado: Саудиска Арабија! Таа држава издејствувала да биде главна во комисијата за женски права и родова еднаквост на Обединетите нации а организации како Амнести се ужаснати од оваа хипокризија. Со оглед на дебелото досие на Саудиска Арабија на тема женски права, ќе дочекаме ли и педофил да стават за прв човек на Уницеф?

Во пресрет на очекуваното соопштение дека Саудиска Арабија ќе биде назначена за претседавач на форумот на ОН за правата на жените, претставничката на Амнести интернешенел, Шерин Тадрос, соопшти:

„Комисијата за статусот на жените има јасен мандат да ги промовира правата на жените и родовата еднаквост и од витално значење е и претседавачот на комисијата да ја споделува истата мисија.

Огромното досие на Саудиска Арабија кога се работи за правата на жените само го истакнува огромниот јаз меѓу аспирациите на Комисијата и реалноста за жените и девојките во Саудиска Арабија“.

Државата во 2022 година донесе закон за личен статус кој го промовираше како чекор кон еднаквоста, но критичарите предупредуваа дека тој само ја зацврстува родовата дискриминација во секој аспект од семејниот живот, од брак, до развод, старателство над деца и наследство и притоа не ги штити жените од родово базирано насилство.

Тедрос порача дека Саудиска Арабија не може да ја докаже својата посветеност на правата на жените само со обезбедување лидерска улога во Комисијата туку мора тоа да го покаже преку конкретни дејствија во земјата, вклучително и со укинување на системот на машко старателство и другите одредби од законите кои ги дискриминираат жените.

Властите на Саудиска Арабија, исто така, мора да ја прекинат својата репресија врз слободата на изразување и веднаш да ги ослободат сите неправедно приведени поради изразување на нивните ставови, вклучително и изразување поддршка за правата на жените.

Амнести неделава анализираше и делови од протечен нацрт кривичен закон на Саудиска Арабија, прв пишан документ за пенална политика (покрај шеријатскиот закон) и оцени дека тој дополнително ќе донесе катастрофални последици по положбата на жената.

Во тој нацрт закон, на пример, се дава имунитет од кривично гонење на сторителите на таканаречените „злосторства од чест“, не се криминализира брачното силување ама затоа се криминализира сексот надвор од брак. За геј сексот да не зборуваме.

Жени од Саудиска Арабија кои твитаа за поддршка на правата на жените се осудени на некои од најдолгите затворски казни што досега ги документирала Амнести интернешенел за едноставно изразување на своето мислење. На некои им се досудени казни од 25 или 47 години затвор. 

29 годишната блогерка и фитнес инструктор Манахел ал-Отиви очекува процес во озлогласениот анти-терористички суд затоа што твитнала за поддршка за женските права и на Снепчет објавила селфи (она подолу) на кое не е соодветно облечена.

 

25 март 2024 - 16:02