Подобро голема европска војска отколку 27 бонсаи-армии

Комесарот за одбрана на Европската Унија бара обновување на старата иницијатива за создавање единствена и голема европска армија од 100.000 војници, која би била поефикасна од малите армии на 27-те членки. Одбраната на Европа зависи од повеќе инвестиции во производство, организирани институции и политичка волја за одвраќање или војна.

Поттикнат од намалувањето на воениот ангажман на САД во Европа и новите закани од Русија, еврокомесарот Андриус ​​Кубилиус побара од членките на Европската Унија да ѝ се вратат на иницијативата за создавање единствена и заедничка армија на ЕУ од најмалку 100.000 војници.

Дали САД би биле воено посилни ако имаат 50 армии, за секоја сојузна држава, наместо една федерална армија? Тоа би биле 50 одбранбени политики и буџети на ниво на држави, наместо една федерална одбранбена политика и буџет. Ако нашиот одговор е дека САД не би биле посилни, тогаш што чекаме?, праша еврокомесарот на конференција во Шведска.

Тој оцени дека одбранбената подготвеност на Европа зависи од три столба: повеќе инвестиции во производствениот капацитет; институции кои се подготвени и организирани; и политичка волја за одвраќање и, доколку е потребно, борба.

Само зголемувањето на финансирањето, во актуелната одбранбена поставеност на Европа, нема да ги исполни овие барања, највеќе поради неединство.

Треба да почнеме да ги инвестираме нашите пари на таков начин што ќе можеме да се бориме како Европа, а не само како збир од 27 национални „бонсаи армии“, рече Кубилиус, користејќи го изразот од поранешниот еврокомесар Жозеп Борел. Наместо тоа, Европа би можела да создаде моќна, постојана европска воена сила.

За да помогне во решавањето на прашањето за политичка волја, Кубилиус сака да формира Европски совет за безбедност, како што пред десет години веќе предложија францускиот претседател Емануел Макрон и тогашната германска канцеларка Ангела Меркел.

Европскиот совет за безбедност би можел да биде составен од клучни постојани членови, заедно со неколку ротациони членови, вклучувајќи ја и земјата-членка што претседава со Советот. Во овој Совет би требало да биде вклучена и Британија, иако се издвои од ЕУ.

Вкупно околу 10-12 членови би имале задача да дискутираат за најважните прашања во одбраната. И не само да дискутираат, туку и брзо да носат важни одлуки, изјави еврокомесарот за одбрана.

12 јануари 2026 - 14:04