Почина папата Франциско

Папата Франциско, првиот поглавар на Римокатоличката црква од Латинска Америка, почина денеска на возраст од 88 години. „Драги браќа и сестри, со длабока тага морам да ја објавам смртта на Светиот Отец Франциско“, објави кардиналот Кевин Фарел. Папата во изминатите два месеци страдаше од пневмонија, но имаше сили да се појави на велигденските свечености.

Хорхе Марио Берголјо од Аргентина беше избран за папа на 13 март 2013 година, по повлекувањето на Бенедикт Шеснаесетти.

Тој дојде на чело на Римокатоличката црква во незгоден период, кога беше на удар од честите скандали за сексуално злоставување деца и раскината од внатрешни битки меѓу бирократи во Ватикан.

Спротивно на својот претходник Бенедикт Шеснаесетти, папата Франциско неуморно промовираше дијалог меѓу религиите и ги бранеше правата на маргинализираните групи.

Со текот на времето папата Франциско дојде на удар од конзервативци, кои го обвинуваа дека ја напушта традицијата. Прогресивците го напаѓаа дека требало да направи повеќе за да ја преобликува Црквата.

Надвор од Ватикан, Франциско беше почитуван и славен како глобална ѕвезда. Привлекуваше огромни маси верници при посетите на странски земји.

Франциско назначи речиси четири петтини од кардиналите што ќе имаат обврска да изберат негов наследник. Поради тоа се смета дека новиот папа мошне веројатно ќе биде прогресивен свештеник.

21 април 2025 - 10:29