Почина Маргарет Тачер

Поранешната премиерка, бароницата Тачер почина на 87-години од мозочен удар, соопшти нејзиниот портпарол.

"Со голема тага Марк и Карол Тачер објавија дека нивната мајка бароницата Тачер, мирно почина утринава од мозочен удар," објавил лорд Бел.

Бароницата Тачер беше премиер од Конзервативците од 1979-та до 1990-та. Таа беше првата жена на оваа позиција.

Родена во 1925-та како Маргарет Робертс, станува пратеник на конзервативците во 1959-та, а последниот мандат и завршува во 1992. Како министер за образование, во 1975-та успешно го предизвикува тогашниот британски премиер Едвард Хит, за првата позиција во партијата.

Тачер победува на парламентарните избори во 1979-та, 1983-та и 1987-ма.

Владата на Тачер приватизираше неколку државни индустрии, а беше на власт и за време на војната со Аргентина околу Фокландите во 1982-ра.

"Со голема тага дознав за смртта на госпоѓа Тачер. Изгубивме голем лидер, голем премиер и голем Британец," изјави британскиот премиер Дејвид Камерон.

"Кралицата беше тажна кога ја доби веста за смртта на бароницата Тачер. Нејзиното Височество ќе испрати приватна порака со сочувство до семејството," соопшти портпаролот на Бакингемската палата.

Во изминатите неколку години, Челичната дама имаше сериозни проблеми со здравјето.

 

8 април 2013 - 14:06