Почина изумителот на далечинскиот управувач

Јуџин Поли, изумителот чија најпозната креација создава блажена мрза, предизвикува децении домашни расправии и засекогаш го промени начинот на кој луѓето уживаат во телевизијата, почина на 96-години.

Неговата смрт беше објавена од Зенит Електроникс, каде Поли ја започна својата кариера како магационер. Токму за Зенит, Поли во 1955-та го создава уредот Flash-Matic.

За овој изум Поли добил бонус од 1.000 долари.

"Само размислите. Без да се поместувате од вашата фотелја, сега може да го вклучувате и исклучувате вашиот телевизор, или да менувате канали. Може дури и да го изгасите звукот на досадните реклами додека сликата се уште ќе ви остане на телевизорот," стои во рекламата за далечинското од 1955-та.

Флеш-Матикот, функционирал како џебна сијалица, а имал форма на револвер. Како што објасни Поли во 2000-та, дизајнот бил негов избор, а целта му била гледачите да се чувствуваат како да се дел од (тогаш) се присутните вестерн реклами со двобој.

Уредот на Поли за прв пат и дава можност на телевизиската публика истовремено да владее со звукот и сликата, без притоа да го вежба своето тело, марширајќи помеѓу каучот и телевизорот.

"Веројатно вц шолјата со казанче е најцивилизацискиот изум што некогаш бил направен, но далечинското веројатно е следно на листата. Тоа е речиси важно колку сексот," гордо изјави Јуџин во едно интервју во 2002-ра.

Јуџин Теодор Поли е роден во Чикаго на 29-ти ноември 1915-та. Неговиот татко е шверцер на алкохол, и го напушта семејството кога Јуџин имал 10 години.

Поли студира на Градскиот колеџ на Чикаго и на Институтот за технологија на Илиноис, но заради немање пари тој не стигнува до диплома. На 20 години се вработува како магационер во Зенит електроникс, каде заработува 40 центи на час.

Механички "поткован" Поли напредува меѓу инженерите. Во втората светска војна Зенит го дава Поли на позајмица во американската армија, каде работи на детонатори на бомби и морнарички радари.

По крајот на војната телевизорите ги колонизираат американските домови. Тогашниот претседател на Зенит електроникс, Јуџин Мекдоналд, инсистира инженерите да почнат со работа на нешто што ќе го олесни гледањето телевизија. Во 1950-та, го создаваат Lazy Bones, првото далечинско за телевизор, чиј главен недостаток е тоа што не е безжично туку доаѓа со кабел.

По ова, Мекдоналд го ангажира Поли да почне да работи на безжичен далечински, од што излегува Флеш-Матик.

Уредот пушта зрак светлина кој мора да биде насочен кон екранот на компатибилен телевизор. Овие телевизори имаат вградени фото келии на секое ќоше од екранот. Една ќелија служела за менување на каналот нагоре, друга била за надолу, третата комплетно го гасела звукот, а четвртата била за палење и гасење на телевизорот.

Далечинското е толку популарно што во првата (и единствена) година од своето постоење, се продадени 30.000 примероци.

Уредот имал неколку големи недостатоци. Прво заради тоа што работел на светлина, често пати се случувал рулет на канали и звук, предизвикан од сончевата светлина. Друг проблем е што гледачите не можеле да запомнат кој агол за која команда е наменет.

Подоцна колегата од Зенит, австриецот Роберт Адлер го подобрува уредот на Поли, правејќи го да работи на звук наместо на светлина, со што делумно ги решава проблемите. Новото далечинско се продава во 9 милиони примероци, се додека во 80-те не е заменето со далечински кои работат на инфрацрвена светлина.

Во 1997-ма Адлер и Поли, добија ЕМИ за развојот на безжичното далечинско. Адлер почина во 2007-ма. Тогаш Зенит електроникс јавно објави дека го смета него и Поли за заеднички креатори на далечинското.

Поли не се согласуваше.

23 мај 2012 - 14:49