- Анкетата на Стопанската комора на Северна Македонија покажува дека од 130 анкетирани приватни компании, од најголеми до најмали, на секоја втора ѝ било барано мито.
- Барањето мито, услуги, условувања за вработување во приватните компании на блиски луѓе од семејството, најмногу (78 отсто) доаѓале од претставници на централната власт (Владата, министерствата, директорати, агенции, инспекторати…) а тие од локалната учествуваат со 22 отсто корупција.
- Највеќе мито се бара во постапки за давање дозволи, одобренија и слично. На второ место се одговорите за корупција при инспекциски надзор, на трето при царинска постапка, а потоа во даночна, судска итн.
- На прсти се бројат тие што пријавиле корупција пред Обвинителството.
- Париски суд им изрече затворски и други казни на осум мажи и две жени поради тврдењата дека Брижит Макрон, првата дама на Франција, всушност била родена како маж.
- На еден од обвинетите му е изречен шестмесечен затвор, а осуммина добија условни казни од 4 до 8 месеци затвор. Дополнителните казни вклучуваат парична отштета и посетување предавања за подигање на свеста за сајбер вознемирување. На петмина им е суспендиран профилот на социјалните медиуми на кој ги објавиле критиките.
- Десеттемина, чии имиња не се објавени, се прогласени виновни за ширење лажни вести и за вознемирување преку интернет преку „злонамерни коментари“ за полот и сексуалноста на Брижит Макрон, или затоа што како „педофилија“ го оцениле тоа што е 24 години постара од нејзиниот сопруг, претседателот Емануел Макрон.
- Во јавноста одамна се проширија гласини дека Брижит Макрон е родена како машко и дека вистинското име ѝ е Жан-Мишел Троње. Претседателот Емануел Макрон и првата дама долго време ги игнорираа овие написи, но лани се решија да тужат поради нарушување на угледот.
- Судот ја отфрли одбраната на обвинетите дека нивните објави биле сатира. „Ова е ужасно. Одвратно е. Слободата на говорот во Франција повеќе не постои“, изјави писателот Бертран Шолер, кому му е изречена шестмесечната условна затворска казна.
- Делси Родригез, која ја извршува претседателската функција во Венецуела, во помирувачки тон понуди да соработува со Вашингтон.
- Откако американските сили ги грабнаа претседателот Николас Мадуро и неговата сопруга Силија Флорес од Каракас за да се соочат со обвиненија поврзани со дрога во Њујорк, Родригез во саботата ги повика САД да го ослободат Мадуро и да го вратат во Венецуела. Во објава на Инстаграм во неделата таа зазеде поинаков пристап.
- „Венецуела ја потврдува својата посветеност на мирот и мирниот соживот... Ја покануваме американската влада да соработува со нас на агенда за соработка... Претседателот Доналд Трамп, нашите народи и нашиот регион заслужуваат мир и дијалог, а не војна. Нашата земја има право на мир, развој, суверенитет и иднина“, порача Родригез.
- Трамп им се закани на функционерите лојални на Мадуро дека „ризикуваат да платат многу голема цена, веројатно поголема од Мадуро, ако не го направат она што е исправно“. Тој додаде дека неговата администрација стапила во контакт со канцеларијата на Родригез и дека во вистинско време директно би разговарал со неа.
- „Не ме прашувајте кој е надлежен (во Каракас), бидејќи одговорот би бил многу контроверзен... Ние сме надлежни“, рече Трамп.