Планот се поклопува со иницијативата на францускиот претседател Емануел Макрон за „Унија со повеќе брзини“. Функционери од Брисел го опишуваат како „обратно проширување“. Украина прво би добила членство, а дури потоа би го почнала процесот за исполнување на критериумите. Тоа, според раководството на ЕУ, би му оставило простор на Киев да ги заврши реформите во своите демократски институции, судството и политичкиот систем, а воедно би ја намалила веројатноста дека ќе се откаже од надежта за приклучување кон блокот.
Главна пречка за планот е унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој категорично се спротивставува на членството на Украина во ЕУ.
По разговори со пет европски дипломати, двајца украински и тројца функционери на ЕУ, Политико идентификува пет чекори во планот
Чекор 1: Подготовка на Украина
ЕУ ќе ѝ помага на Украина во преговорите. Веќе ѝ достави детали за три од шесте преговарачки „кластери“, а другите ќе ѝ ги претстави на неформалниот министерски состанок во Кипар на 3 март.
Нема да има краток пат за реформите. Членството во ЕУ носи придобивки само преку трансформацијата во процесот на проширување… Европската комисија мора да ги усогласи потребите за брзо дејствување и реформите во Украина, инсистираат сите извори на Политико.
Чекор 2: Создавање „лајт“ членство во ЕУ
Европската комисија разгледува различни опции и модели што би го овозможиле „обратното проширување“.
Поради специфичната ситуација треба да се преиспита можноста за пристапување во однос на веќе утврдените критериуми. Треба да се испрати политички моќна порака до земјите чие пристапување е одложено поради војна или противење, не само Украина, туку и до Молдавија и Албанија, меѓу другите, вели функционер на ЕУ запознаен со плановите.

Идејата има противници во рамките на ЕУ.
Во принцип, не можете да дискутирате за две категории на земји-членки. Ова не би било фер не само кон Украина, туку и кон европскиот проект. Пораката треба да биде да се забрзаат реформите, изјави европски дипломат.
Тој додава дека Германија особено е против идејата за создавање повеќе нивоа на членство и инсистира ЕУ да не им дава ветувања што не може да ги исполни на земјите што ќе се приклучат пред да бидат подготвени. ЕУ се надева дека Париз, Рим и Варшава би можеле да го разубедат Берлин.
Чекор 3: Орбан да изгуби на изборите
Поради правилото за едногласна поддршка за одлуките за проширување, плановите на Европската комисија лесно може да ги блокира унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој категорично е против приемот на Украина.
Орбан го чекаат парламентарни избори во април и некои анкети говорат дека неговата партија заостанува зад опозицијата. Брисел навива за конзервативниот ривал Петер Маѓар од партијата Тиса. Но, ако Орбан повторно победи, преминува на четвртиот чекор.

Чекор 4: Трамп да го разубеди Орбан
Европските лидери се убедени дека американскиот претседател Доналд Трамп е единствениот што би можел да го убеди Орбан повеќе да не се противи на приемот на Украина во ЕУ.
Трамп го поддржа Орбан пред изборите, но во исто време сака до јули да постигне договор за крај на војната во Украина. Членството на Украина во ЕУ беше дел од нацрт-планот од 20 точки за крај на војната.
Чекор 5: Ако сè друго не успее, да ѝ се одземе правото на глас на Унгарија
Последниот адут на Брисел би бил примена на Членот 7 од Договорот на ЕУ против Унгарија. Овој член е најсериозната политичка санкција што ЕУ може да ја наметне против некоја своја членка - ги суспендира сите нејзини права, вклучувајќи го и ветото за прием на нови членки. ЕУ засега не се заканува со таков притисок, за да не му помогне на Орбан спроти изборите во април.
Ако Орбан победи на изборите и продолжи да го попречува донесувањето одлуки на ЕУ, таквиот потег е „апсолутно можен“, вели извор на Политико.