Анти-ваксерската кампања против кинеската вакцина првично била фокусирана на Филипините, со цел да се спречи она што САД во тоа време го сметале за растечко кинеско влијание на Филипините, инаку една од најтешко погодените држави од ковид-19, за подоцна да се прошири и вон Југоисточна Азија, кон Блискиот исток.
Пентагон користејќи бројни ботови на социјалните мрежи кои се претставуваат како Филипинци, го напаѓал квалитетот на кинеските маски за лице, тестовите за ковид и вакцината на Синовак која е првата вакцина против пандемијата која ќе биде достапна на Филипините.
Според истрагата што ја прави Ројтерс постовите на социјалните мрежи требало да шират сомнеж околу безбедноста и ефикасноста на вакцините и останати мерки и средства против ширење на пандемијата кои дошле од Кина.
Биле идентификувани 300 профили само на Твитер кои биле дел од операцијата, речиси сите креирани во средината на 2020 и сите фокусирани на слоганот #Chinaangvirus, или во превод „Кина е вирусот“.
Постовите биле од типот „КОВИД доаѓа од Кина и ВАКЦИНАТА доаѓа од Кина, не е верувајте на Кина!“ и сето тоа проследено со слика од кинеското знаме и шприц.
Кога Ројтерс го прашува Твитер околу сметките, од таму ги бришат сите 300 сметки откако врз основа на шаблони на однесување и внатрешни податоци утврдиле дека тие се дел од координирана бот кампања.
Кампањата почнала пролетта 2020 и се проширила и вон Југоисточна Азија пред да биде изгасена кон средината на 2021.
Кампањата посебно сериозно се фокусирала на муслиманите, нагласувајќи го делот дека затоа што вакцините некогаш содржат свински желатин, тие треба да бидат забранети според исламските закони. Во ова време од короната секој ден умираат десетици илјади луѓе.