Отпуштањето, кое опфати и генерали и полковници започна со декрет на унгарската влада кој дозволува офицерите да се пензионираат ако наполниле 45 години старост или 25 години служба.
Иако ќе бидат предвремено пензионирани, отпуштените ќе продолжат да добиваат дел од бенефициите се до законската возраст за пензионирање.
Унгарски Телекс пренесува изјава на поранешната унгарска министерка за одбрана, Агнес Вадаи, според која бројката моментално изнесува 170 офицери, но според нејзини информации ќе стигне некаде до кај 1.000. Вадаи тврди дека отпуштените во најголем дел се про-НАТО офицери. Иако неофицијална, про-НАТО етикетата ги опфаќа сите што подолго време работеле во седиштето на Алијансата или во странски мисии.
Друго објаснување на чистката е дека се работи за долгоочекувано олеснување на унгарската армија која е озлогласена по несразмерно големиот број на високи офицери. Според нив, младата генерација која останува по чистката била на далеку повеќе странски мисии отколку овие што си заминуваат заради што е малку веројатно дека се работи за „денатоизација“, дополнувајќи дека младата генерација е многу поподготвена да работи со модерното западно оружје со кое се снабдува унгарската армија.
Без разлика на причината една од главните критики на одлуката е дека е целосно неодговорно да се презема така масовна чистка во време кога во соседна земја во тек е голема војна.