Омиленото воено сценарио: Хемиско оружје

Бидејќи не може за секоја голема војна да се убива по еден престоналаследник, се загрева една друга пробана и навежбана опција. Русите можеби ќе прибегнат кон хемиски напад! Затоа тие правеле голема приказна од украинските лаборатории, за утре-задутре да обвинат друг. Почиваш ли мирно, Садаме?

Високи американски и украински официјални лица се подготвуваат за потенцијална употреба на хемиско оружје од страна на Русија во тековниот конфликт меѓу Москва и Киев, иако Пентагон во неделата соопшти дека САД не виделе знаци за „претстоен хемиски или биолошки напад во моментов“ пренесува The Hill. 

Прашањата за можен напад со хемиско оружје на Русија се појавија минатата недела откако Москва ги обвини САД за опасно играње со биолошки програми во лабораториите во Украина. 

Обвинувањата на оваа тема, советник за национална безбедност на Белата куќа тоа на домашната јавност ѝ ги објасни како можно алиби Русија да размислува самата да прибегне кон употреба на био-хемиско оружје а за тоа да обвини друг.

Во секој случај, прашањето за можна употреба на хемиско оружје за масовно уништување од страна на Русија станува редовно прашање во комплетот. За тоа беше прашан и шефот на украинската дипломатија, Дмитро Кулеба:

"Како и за друго,  не очекуваме НАТО да нè брани. Само дајте ни оружје и сè што ни е потребно и ние сами ќе се браниме", изјави тој во емисијата “Face the Nation” на CBS.

Поседувањето оружје за масовно уништување беше повод за инвазија и окупација на Ирак од страна на САД и сојузниците. Памтите, нит оружје се најде нит бутур. Целата таа епизода е дебело документирана, но без никакви меѓународно-правни консеквенци. Крвавата авантура базирана на лажни докази чинеше 200.000 животи на ирачки цивили, а бројот на „вишок смрт“ во однос на просеците во земјата бил над еден милион.

Според податоци на Обединетите Нации, војната во Украина до 9 март земала најмалку 549 цивилни жртви а 2,7 милиони луѓе ја напуштиле Украина.

14 март 2022 - 08:04