Од нафтата во Британија се збогатија компаниите, а во Норвешка државата. За граѓаните ни капка

Кога пред половина век во Северно Море беа откриени огромните резерви на нафта, Тачеровска Британија им ја даде нафтата на приватници и сега ги собира „трошките“ од профитот. Норвешка, пак, го претури богатството во огромен државен фонд и заработува 45 пати повеќе. И во двата случаи, за обичните граѓани не остана ништо.

Во седумдесеттите години „Бритиш петрол“ го откри огромното нафтено поле Фортис во Северно Море. Во норвешките води „Филипс“ ги откри резервите Екофиск. Двете кралства бараа начини како да го управуваат новооткриеното богатство.

Британија ги продаде своите резерви на приватници, а Норвешка ја задржа државната сопственост. Оваа одлука го создаде еден од најдлабоките јазови во богатство во европската историја.

Владата на премиерката Маргарет Тачер избра приватизација. „Бритиш петрол“, „Бритиш оил“ и други држави претпријатија беа продадени на приватни компании.

Резонирањето беше едноставно: Нека ги води приватниот пазар. Владата не треба да се меша, забележува инвеститорот Адам Оксен од „Рокс енерџи капитал“.

Норвешка пријде поинаку. Ја создаде државната компанија „Статоил“, која задржа 50% од сопственоста на секое нафтено поле. Големата промена се случи кога Норвешка во 1990 година го формираше суверениот фонд на богатство. Тоа значеше дека профитот од нафтата одеше во фондот, од кој можеше да се троши само по 3% годишно. Сите други средства се инвестиција за идните генерации.

Резултатите се неверојатни. Овој фонд сега е полн со 1.300 милијарди долари. Поседува околу 1% од сите акции на светските берзи. Тоа е по 150.000 долари за секој жител на Норвешка.

Како е во Британија? Во 2020 година Обединетото Кралство заработи само 200 милиони долари од нафтата во Северното Море. Норвешка заработи 9 милијарди – 45 пати повеќе.

Но, и во двете сценарија обичните граѓани не добиваат ништо. Во Британија богатството е кај големите корпорации, а во Норвешка кај владата. Обичните граѓани се неми посматрачи како други вадат профит од националните природни резерви. 

12 март 2025 - 14:01