Секоја недела армија анкетари го мерат рејтингот на Путин и останатите параметри околу власта, и тоа во сите 11 временски зони низ кои е распослана Русија. Освен стандардните прашања, на секој круг анкети се проверува и ставот на граѓаните околу некоја актуелна тема од претходната недела, пример случувања во Украина или интервенцијата во Сирија.
Во изминативе 15-на години власт, Путин имаше најнизок рејтинг пред и околу отворањето на Олимпијадата во Сочи, кога поддршката падна на за него невидени 61%. Сето ова за кратко се средува по завршувањето на Олимпијадата и упадот на Путин во Украина.
Бројките на кои обично се повикуваат и ги објавуваат руските медиуми и власти се од анкетите на државниот Центар за истражување на руското јавно мислење. Она што е проблем на опозицијата и што ги збунува сите е дека до слични бројки доаѓаат и западните анкети.
Репортер на Вашингтон пост оди на неделна обиколка со една од анкетарктие од Центарот. Она што го заклучува од целото искуство е дека:
- Жената има далеку потешка работа отколку колегите од САД, во тек на пет часови од 144 станови на кои им ѕвони на врата успева да направи само 5 интервјуа.
- Луѓето постојано имаат доверба во Путин, ама немаат доверба во луѓето под него, посебно не им веруваат на локалните политичари.
- Има остра разлика меѓу довербата во Путин и правецот во кој се движи Русија. Иако поддршката за претседателот речиси и да не е падната, само 45% од Русите сметаат дека нивната земја се движи во добар правец.
Според аналитичарите по анексијата на Крим, Путин станува недопирлив за голем дел од популацијата.
"Луѓето го гледаат како постојан составен дел од нивната перцепција за светот. Тие не го гледаат како политички лидер кој би губел на избори па би се враќал," објаснува првиот човек Фондацијата за јавно мислење, Александер Ослон.
Освен државниот Центар, Кремљ постојано има ангажирано неколку различни агенции за анкети, плус има и бројки од анкетите на руската тајна служба, кои не се објавуваат во јавност и се за лична употреба.
Бројките кои секогаш се позитивни постојано се објавуваат на руските медиуми, што пак само го затвора кругот во кој се истакнува легитимноста на рускиот претседател, што пак ги засилува неговите рејтинзи.
"Ова е веќе ПиАр кампања кога знаеш какви ќе бидат резултатите," изјавил Денис Волков, аналитичарот од Левада Центарот.