„Ова, во кој било поглед, е екстремно строг затвор. Таму ќе се обидат да го контролираат секој твој чекор, секоја твоја мисла,“ изјавува за Москва тајмс, Константин Котов, кој минал 2 години во истиот затвор откако бил уапсен за време на протести во 2019.
Како човек кој имал време да ги проучи затворите, Котов објаснува дека во Русија има четири типа на казнени колонии, кои се разликуваат во зависност од тоа колку е тешко делото на затворениците во нив.
Затворот на Навални (на хартија) се води во групата на затвори со „нормален режим“ каде затворениците се сместени во бараки со по 150 кревети во секоја. Меѓутоа според Котов условите во него повеќе наликуваат на оние во казнените колонии со строг режим.
„Затворениците кои служеле казна во други затвори низ Русија ми кажаа дека ова е најтешкиот затвор во кој биле. И дефинитивно чувството е како да си во затвор со висока безбедност наменет за тешки криминалци,“ објаснува Котов.
Одлуката Навални да служи казна во ИК-2 испаничи и дел од активистите за човекови права, кои тврдат:
„Таму владее комплетно беззаконие. Ќе те уништат таму.“
За ИК-2 пишува и Владимир Переверзин, поранешниот менаџер на Јукос, кој казната ја служеше во оваа колонија. Според Переверзин, кој сега живее во Берлин, Навални го чека тежок период, „условите се лоши, затворот е покрај мочуриште и е ладно и мокро и со лоша храна. Во мое време беше насилно место.“
Најголемиот дел од популацијата во ИК-2 се дилери на дрога или крадци, а повремено знае да има и по некој политички затвореник. Меѓу нив е и националистот Дмитри Демушкин кој 2 години беше во ИК-2.
„Ми беше забрането да зборувам со други затвореници, ним им беше забрането да ме гледаат, кога бев надвор од келија рацете секогаш ми беа зад грбот. Ми беше забрането да ја посетувам локалната затворска црква или да имам каква било спортска активност,“ изјавил Демушкин.
И Переверзин и Котов изјавиле дека никогаш не претрпеле физичко насилство од затворските стражари, најверојатно заради нивниот висок јавен профил. Меѓутоа и тројцата изјавиле дека слушнале приказни од други затвореници како биле малтретирани од стражарите.
Освен што прво ќе мине две недели во карантин заради ковид, на Навални му предвидуваат дека ќе биде под константа изолација од останатите затвореници, а контактите со надворешниот свет ќе бидат искомпликувани од тоа што затворот не дозволува електронска пошта, а на стражарите им требаат недели па и месеци да ја проверат поштата што стига или се испраќа од затвореникот.