Миљенко Јерговиќ:

Му благодарам на Милановиќ што ја пропушти НАТО вечерата во Хаг

Ако не победат европските вредности туку, да речеме, американскиот супремацистички лидер Трамп, нема повеќе да ги има ни Словенија ни Хрватска. Односно, нема да ги има ако тргнат по победниците. Нивен избор е во отсутен момент, кога Хитлер ќе ги повика назад во битката за Сталинград, да кажат дека имаат корона. Кога си доволно мал, имаш можност да се правиш и глупав.

Малку работи во богатата историја на европското политичко бесчестие можеа да бидат толку одвратни како вечерата која водечките холандски ликови, кралот Вилем-Александар и кралицата Максима, ја приредија за Доналд Трамп и лидерите на земјите-членки на НАТО, за да ја прослават победата на водачот на американските супремацисти во неговата војна со Иран.

Не поради тоа што беа послужени утроби од на масакрирани ирански цивили и на пустинско сонце зреени стекови од гладни деца во Газа, кои Трамп ги донесе од својот последен лов. Ни поради тоа што Аргентинката Максима, инаку поранешна инвестициска банкарка и ѓоа борец за интеграција на мигранти и ЛГБТКју заедницата – значи најпрезрените непријатели на Трамп - се појави како мадам Смрт лично, во фустан во боја на ф'стак со дискретен прелив од истурен човечки мозок.

Не е дури ни до донеодамнешниот премиер на Максима, актуелниот НАТО секретар Марк Руте, кој при вовлекувањето во ректумот на Доналд Трамп ги заборавил надвор врвките, за да може подоцна да го извадат. До тоа е што на оваа човекојадна вечера, покрај оралното, што би се рекло усно задоволување на суетата на американскиот претседател, на кое по Руте и кралицата Максима пристапија и клекнаа сите присутни, од Еди Рама до воинствениот германски оберштурмфирер Фридрих Мерц, покрај неговото додатно задоволување со плаќање пет отсто од државната сметка на секоја земја од НАТО за американската воена индустрија, беше направено нешто друго, многу пострашно и понепријатно.

Имено, сите што беа на таа вечера на кралицата Максима и нејзиниот поради слабо мешање на гените малку дегенериран сопруг, на своја душа и на своја морална сметка, како и на душата и сметките на секој од стотиците милиони нивни граѓани, со таа вечера доброволно и несомнено ја презедоа одговорноста за самоволните американски војни и сторени воени злосторства на Блискиот и Средниот Исток. Кога вашиот претседател или премиер се засладува со холандско шкембе, зготвено од истурени човечки црева, имате сериозни проблеми со желудникот. Но, вие, пред сè друго, имате проблеми пред Бога, или пред некои ваши сопствени морални принципи со кои го заменувате отсутниот Бог, затоа што вашиот претседател или премиер, делејќи го товарот на злосторствата со водачот на американските супремацисти, тој товар го префрлил врз вас.

Благодарен сум му на претседателот на Република Хрватска што не отиде на вечерата на кралот Вилем-Александар и кралицата Максима во Хаг. Своето недоаѓање го го оправда со жилава неколкудневна корона. Иако коронавирусот одамна ја изгуби својата слава и моќ, и иако белиот јудео-христијански американски супремацистички лидер Доналд Трамп лично не верува во короната, не веруваат ни Руте и околу дваесет џуџиња и џуџици, сепак тоа му создаде можност на Милановиќ да се дистанцира и од настанот и од неговите учесници. Можеби ќе беше поефектно на своите домаќини да им порача дека има чума или лепра, тие древни старозаветни болести на Истокот, или ако ги исплашеше велејќи дека се преобратил во шиитски ислам - што нужно ќе ги скандализираше господата околу кралицата Максима исто како да се преобратил во јудаизам во истиот тој слободарски Хаг во 1943 година - но короната веќе беше сосема доволна.

Секако, не треба да се има илузии дека на сликата во која тукушто зјапам, во чиј центар е кралицата Максима во нејзиниот фустан со боја на мачнина, опкружена претежно со мажи во темни костуми, со само два исклучоци: Володимир Зеленски, кој горчливо жали за жртвата на својот народ и уште погорчливо се надева дека оваа багра околу него ќе сака да му помогне, и Еди Рама, во костум во боја на затворски ѕид и шверцерски патики, воопшто некој забележува дека Зоран Милановиќ, претседателот на малата и маргинална Република Хрватска, го нема на вечерата и фотографијата, како и дека било кој го памтел подолго од две секунди неговото објаснување дека се бори со подла корона, која, каков што е љубезен, не сака да им ја пренесе.

Овој гест на Милановиќ, кој без сомнение е најимпресивниот државнички гест на еден хрватски претседател во последните триесет и пет години, со кој се исклучи од друштвото на недостојните, се однесува само на него, Милановиќ, и на нас, неговите граѓани. Заради себе и заради нас, тој не се најде таму каде што не требаше ни да биде. Фала Богу, сè уште сме доволно богати за да можеме да вечераме и на свој трошок. Ако и не сме, попријатно е, а можеби и почесно, понекогаш во ова летно време да се остане гладен. Му годи тоа на желудникот и на човечкиот метаболизам. А и зошто да се јаде воопшто, кога воениот сојузник на американскиот претседател пука по Газа во луѓе што се обидуваат да добијат храна?

Хрватска е, само што рековме, мала и маргинална земја. За граѓаните на Хрватска и за понекој нејзин политичар кој сè уште има човечки и народен интегритет, ова треба да биде предност, особено во зловреме. За луѓе со углед, или за луѓе што израснале во склад со себе и со сите свои таленти и недостатоци, подобро е, побезбедно, па дури и подостоинствено да се граѓани на мали земји. Важно е само да не се поткреваат на прсти за да бидат поголеми и да не се колебаат во големите европски и светски срања да дадат придонес што ќе ги надмине.

Денес, во 2025 година, да се биде Европеец во некоја повисока и поблагородна смисла значи да се биде граѓанин на Словенија, земја која на некој отворен и достоинствен начин останува против сопствениот зет. Нејзиното противење и позиционирање на страната на европските вредности, на страната на Кантовиот морален императив, на страната на онаа Европа што се обединуваше за да не биде непријател самата на себе, е пример за чесна и достоинствена упорност во нешто што на крајот мора да победи.

Или, подобро кажано, не победат ли во Европа европските вредности, ако триумфираат ректалниот алпинизам и совршената морална рамнодушност на Марк Руте и група деликвентни мажи во темни костуми, Европа и европеизмот ќе изгубат секоја смисла. Словенија е на страната на европските вредности не затоа што е безбеден политички облог, туку затоа што нема смисла, особено ако сте мали, да се обложувате на било што друго.

Миљенко Јерговиќ

9 јули 2025 - 16:50