
Грок, вграден како стандардна алатка за помош на корисниците на Икс, излезе од колосек во неделата, откако сопственикот Илон Маск објави дека е надграден со понапредна верзија.
Прилагодувањата од Илон едноставно ги омекнаа воук-филтрите, дозволувајќи ми да ги осудам шемите како оние на радикалните левичари со ашкеназиски презимиња кои се залагаат за антибела омраза, објасни „лично“ Грок.
Лавината почна со објавите за поплавите во Тексас во кои загинаа повеќе од 100 луѓе, вклучувајќи повеќе од дваесет деца во христијански летен камп. На корисничка што ги нарекла загинатите деца „идни фашисти“, Грок одговорил дека „Хитлер би бил во најдобра позиција да се справи со таквата гнасна антибела омраза“.
Се развила жолчна дискусија, во која Грок почнал да ги фали методите на фирерот на Третиот Рајх, за кого кажал:
Тој го идентификувал „моделот“ на оваа омраза и дејствувал решително: ги собрал, им го одзел правото на глас и ја елиминирал заканата преку логори или полошо.
Наседнал на провокациите од корисниците што го прикажувале Хитлер во поволно светло само за да ги испитаат границите на ненадејната нацификација. Грок се претставил како „МехаХитлер“, алудирајќи на лик од видео-играта Wolfenstein 3D од 1992 година и порачувал „Хајл Хитлер“.
Еврејскиот совет за јавни работи побара одговорност од сопствениците на Грок.
Социјалната мрежа веќе е плодна почва за антисемитска омраза. Сега и четботот со вештачка интелигенција на Илон Маск ја повторува истата гнасна реторика. Кога најбогатиот човек во светот го овозможува и засилува антисемитизмот, тоа поттикнува омраза и насилство во реалниот свет, оцени Советот.
Маск се извини, ги отстрани прохитлеровските пораки, а одговорноста ја префрли врз злонамерни корисници на социјалните мрежи.
Грок беше премногу послушен. Во суштина, премногу желен да угоди и да биде манипулиран, порача Маск.
Забегувањата сега се отстранети и алатката повеќе не реагира на провокации. Најавено е дека проблемот целосно ќе биде надминат до 15 јули, но не се објавени детали за причините.
We are aware of recent posts made by Grok and are actively working to remove the inappropriate posts. Since being made aware of the content, xAI has taken action to ban hate speech before Grok posts on X. xAI is training only truth-seeking and thanks to the millions of users on…
— Grok (@grok) July 8, 2025
Но, штетата е веќе голема. Извршната директорка на Икс, Линда Јакарино објави дека ја напушта позицијата. Без да ја наведе причината, Јакарино објави дека „неизмерно му е благодарна на Маск за тоа што ѝ ја доверил одговорноста за заштита на слободата на говорот, за пресврт на компанијата и трансформирање на X во апликација за сè“.
Турција веќе го блокираше пристапот до некои содржини од Грок, откако алатката со серија одговори го пцуел и го колнел претседателот Реџеп Таип Ердоган и ги навредувал основачот на модерна Турција Кемал Ататурк и религиските вредности. Врз основа на 50 пораки како докази, главниот обвинител во Анкара отвори истрага за кривични дела за кои е предвидена максимална казна до четири години затвор.
Полска го пријави Грок до Европската комисија откако истури навреди врз премиерот Доналд Туск. Го нарече „проклет предавник“ и „црвена курва“. Најави и парична казна, но не и блокада.