
Предупредувањето се однесува на вакцините RSV Abrysvo на Фајзер, која е достапна преку здравствениот систем, и RSV Arexvy од GSK, која се дава приватно. Од 2 милиони дадени дози од вакцината на Фајзер, кај 21 лице на возраст од 75 до 79 години се јавил Гилен-Бареов синдром. Немало пријавен случај од оние што ја примиле Arexvy, која им била дадена на многу помалку пациенти.
Гилен-Бареовиот синдром е сериозно невролошко нарушување што влијае на сетилата, движењето, дишењето и отчукувањата на срцето. Симптомите вклучуваат пецкање, вкочанетост или трнење во стапалата и рацете, мускулна слабост и тешкотии при движење на зглобовите. Се јавуваат и проблеми со дишењето, како и со голтањето и зборувањето поради ослабување на мускулатурата на лицето. Повеќето пациенти заздравуваат во рок од една година, но на некои трајно им се оштетуваат нервите.
Синдромот Гилен-Баре се јавува кога имунолошкиот систем на телото погрешно напаѓа здрави нервни клетки. Тоа поттикнува претпоставки дека може да биде активиран како одговор на супстанца што организмот ја смета за туѓа, без оглед дали е патоген или вакцина.
САД објавија предупредување за вакцината за РСВ во јануари. Но, експерти и во Британија и во САД тврдат дека придобивките од имунизацијата го надминуваат релативно малиот ризик од несаканиот ефект. Респираторниот вирус RSV се поврзува со смрт на 8.000 возрасни лица и 100 бебиња секоја година. За многу повеќе е нужна хоспитализација.
Вакцината против RSV им се нуди на бремените жени, за да ја пренесат заштитата врз бебето и да го намалат ризикот од тешка инфекција за околу 70%. Во Англија ја примиле околу 50%. Од постарите лица што ги исполнуваат условите за имунизација, ја примиле 62%.
Предупредувањето не значи дека вакцината е повлечена, туку само дека персоналот треба да ги информира пациентите за ризикот и врската, за да побараат итно помош ако забележат реакција. Согласно системот, доделен ѝ е „жолт картон“ што налага внимателно следење на несаканите реакции кај лековите одобрени за употреба. Тоа е поради неизбежниот ризик дека ретки реакции се провлекуваат наспроти строгите контроли на лековите.