Нов софтвер шпионира новинари низ Европа

Со нов комерцијален шпионски софтвер од израелска компанија поддржана од САД биле следени двајца уредници во Италија што откриле афери за владејачката партија на премиерката Џорџа Мелони. Канадската лабораторија за експертиза Ситизен лаб открила и трета жртва на следење во Европа, но не се знае на колкумина им е загрозена приватноста и кој е одговорен за тоа. 

Прислушувани биле Чиро Пелегрино и Франческо Канчелато, уредници на истражувачкиот портал Fanpage.it, кој лани уфрли репортери во подмладокот на партијата на Мелони и ги сними како даваат фашистички и расистички изјави. При крајот на април нивните телефони ги известиле за закана од „платенички спајвер“, по што ги предале на експертиза на Ситизен лаб.

Анализата го открила спајверот Graphite на израелската компанија Paragon Solutions. Случај на шпионирање пријавил и трет „истакнат новинар од европска земја“, кој инсистирал да остане анонимен.

Шпионскиот софтвер на Paragon е особено тешко да се открие, бидејќи го компромитира уредот без никаква акција од корисникот. Слично на озлогласениот шпионски софтвер Pegasus на NSO Group, кој веќе е на црната листа, Graphite му овозможува на операторот тајно да пристапува до апликации, вклучувајќи и шифрирани пораки на платформите Signal и WhatsApp.

Сомневањата беа насочени кон владата на Мелони, поради што комисија на парламентот спроведе истрага дали агенциите користат софтвер на Paragon за надгледување новинари и граѓански активисти. Во извештајот на комитетот е заклучено дека разузнавачките служби не го шпионирале Канчелато, но и дека разни алатки, вклучувајќи го и Graphite, биле легално и овластено користени за следење на активисти поради прашања поврзани со нелегалната миграција и националната безбедност.

Компанијата Мета, сопственик на WhatsApp, во јануари објави дека софтверот Graphite бил користен за упад во профили на 90 корисници на апликацијата во дваесетина земји, првенствено во Европа. Ранливоста е санирана, но сè уште не се знае кој бил хакиран и кој бил одговорен за операцијата. Суд во Калифорнија претходно наложи Мета да добие отшета од 168 милиони долари од друга израелска компанија НСО, со чиј софтвер биле хакирани 1.400 корисници на WhatsApp, вклучувајќи новинари, активисти и владини функционери.

Неприфатливо е во демократска земја новинарите да бидат шпионирани без да се знае причината. Не знаеме колкумина се, изјави Виторио ди Трапани, претседател на италијанскиот синдикат на новинари FNSI.
13 јуни 2025 - 17:49