Меморандумот за разбирање помеѓу САД и Иран во јуни беше лажен сигнал дека војната завршила и дека е само прашање на време кога ќе биде потпишан договор за траен мир. Воопшто не се преговараше и по само еден месец војната продолжи и се засилува од ден на ден, со закани за напади врз цивилната инфраструктура на Иран и контразакани за реципрочна одмазда врз сојузниците на САД.
Притиснат помеѓу екстремните опции да го бомбардира Иран до целосно уништување или да прифати капитулација и да ги повлече силите од регионот, Трамп се реши да води војна на исцрпување, иако во двата мандати постојано најавуваше дека ќе им стави крај на американските „вечни војни“, како оние во Ирак и во Авганистан.
Тоа само го потврдува историскиот факт: американските претседатели речиси никогаш не успеваат да ги завршат војните без јасен исход што самите ги почнале. Тоа укажува дека војната може да продолжи уште две години, додека Трамп не замине од Белата куќа. Неговиот наследник ќе биде во подобра позиција да признае дека оваа војна била неуспех и да ги направи отстапките кои Трамп никогаш не би ги прифатил.

Историјата покажува дека претседателите се врзуваат за војните што ги објавиле, од политички или психолошки мотиви, или за да си го задржат угледот. Упорно го потиснуваат рационалното размислување за односот меѓу трошоците добивките за да пронајдат нешто што може да ѝ го прикажат на јавноста како „победа“ пред да склучат мир. Ова е особено тешко ако тргнале во војна со крајно решителен противник каков што е Иран.
Овој образец се повторува во секој американски „вечен конфликт“ по Втората светска војна. Откако Корејската војна западна во ќорсокак во летото 1951 година, претседателот Хари Труман беше загрижен како ќе изгледа неговиот став кон комунизмот во домашната јавност, каков ќе биде кредибилитетот на САД во светот и како ќе ги оправда трошоците. Поради тоа наметна неприфатливи услови во преговорите за примирје и замина од функцијата без склучен мировен договор.

Слични главоболки имаше и претседателот Линдон Џонсон во Виетнамската војна по офанзивата „Тет“ во 1968 година.
Не можам да се повлечам, а не можам ниту да ја завршам работата со она што го имам на располагање. Па, што да правам по ѓаволите?, се жалел Џонсон.
Војната ја заврши неговиот наследник Ричард Никсон, а мировниот договор го потпиша Џералд Форд.
Откако Барак Обама не успеа со ескалација да ја заврши војната во Авганистан, во 2015 година го запре повлекувањето на американските трупи „за да не биде запаметен како претседателот што го изгубил Авганистан“.

Трамп му објави војна на непријател многу посилен од Кореја, Виетнам или Авганистан, кој веднаш го употреби и своето најсилно оружје – блокадата на протокот низ кој поминуваше една петтина од светската трговија со нафта и гас.
Слично како и Обама, Трамп не сака да остане запаметен како „претседателот што го изгубил Ормускиот проток“, ама не сака да биде ни „претседателот што склучи полош нуклеарен договор со Иран од оној на Обама“. Не знае како да ги оправда неповратните трошоци и на тој начин постојано се зголемува.
Конгресот, дури и ако се промени во полза на демократите по изборите во ноември, има ограничени капацитети да го притисне Трамп да ја запре војната. Товарот на признавање на срамниот пораз ќе му го пренесе на идниот претседател, кој ќе мора да ги прифати црвените линии на Техеран - правото на контрола на сообраќајот низ Ормускиот проток, ако не и повеќе. Тоа е историска несреќна последица на сите војни кои воопшто не требало ни да почнат.