САД воведоа повеќе од 1.000 санкции врз Иран во текот на изминатите 18 месеци, како дел од поширокиот притисок врз Техеран да ги исполни американските барања. Сепак, кога војната заврши и почнаа преговорите, понудата за укинување на санкциите не е толку моќно оружје колку што им се чинеше на САД.
Иранското раководство секако би сакало тие да биде укинати, но низ годините научи да ги заобиколува и знае дека многу појака карта на масата е неговата закана за затворање на Ормускиот проток. Во 2024 година Техеран остварил приходи од 43 милијарди долари. На крајот Доналд Трамп беше принуден да воведе физичка блокада со бродови во Ормускиот проток за да го запре финансирањето.
Иран е само најактуелниот пример за неефикасноста на стратегијата. Бројот на институции, фирми и лица на црната листа на Вашингтон се зголеми од 880 во 2017 година на повеќе од 3.000 во 2024 година. Мерките главно се блокирање на пристапот до финансискиот систем на САД.

Во овој период, Северна Кореја продолжи да ја развива својата нуклеарна програма, а режимот на Ким Џонг Ун е побогат од кога било. Пјонгјанг се трансформира во град на 21 век со електрични возила и градежен бум.
Британската влада неодамна процени дека глобалните санкции ја оставиле Москва без приходи од најмалку 450 милијарди долари. Но, Русија пронајде заобиколни решенија преку непријавена трговија низ Ерменија, Азербејџан и Казахстан не само за да ја одржува војната, туку и да донесе нови ајфони, лимузини и луксузни стоки за елитата.
Во Венецуела, Николас Мадуро цела деценија немаше проблем со санкциите па Американците мораа физички да го отстранат од Каракас. Воената хунта се уште комотно владее во Мјанмар, па дури и кубанската влада се држи наспроти целосната трговска блокада што ѝ ја наметна Трамп. Куба е најјасниот пример дека последиците од казнените мерки се одразуваат врз граѓаните, но не и врз режимот кој е примарна цел.
Белата куќа најави промени во политиката.
Акциите се ефикасни кога се агресивни и концентрирани, со прецизни временски рокови, изјави министерот за финансии Скот Бесент.
Економски експерти предупредуваат дека главна причина за неефикасноста на санкциите не е во нивната содржина, туку во начинот на спроведувањето. САД не успеаја да ги спречат Иран, Русија и Северна Кореја да користат „сива флота“ танкери и фиктивни компании и посредници во Кина, Обединетите Арапски Емирати и Турција за да продолжат да продаваат и да купуваат стоки за нивните економии.

Северна Кореја добила 6 милијарди долари од кражба на криптовалути и распоредува свои банкари низ целиот свет за да перат нелегално стекнати добивки, според аналитичката фирма Chainalysis. Кинеските банки се клучни во трансферот на приходите од продажбата на иранска нафта. САД се заканија со зголемување на царините за земјите што овозможуваат прекршување на санкциите, но не можат да го казнат Пекинг без да предизвикаат непосакувана трговска војна.
Дали сме сериозни во врска со спроведувањето на санкциите? Неуспехот поригорозно да се спроведуваат и да се казнуваат јурисдикциите што помагаат да се избегне моќта на САД, им дава време на режимите да најдат решенија. Откако ќе се воспостават алтернативи, ја губиме предноста, вели рече Елејн Дезенски, поранешна висока службеничка во Министерството за внатрешна безбедност.
Во некои санкции намерно се оставени пукнатини, како доказ дека економските интереси на Западот често пати се судираат со политичките. Европа воведе забрана за увоз на нафта и гас од Русија, но ослободи некои членки од обврската и го одложи спроведувањето. И Трамп, кој ги прошири санкциите за увоз на руска сурова нафта беше принуден привремено да ги укине во март. Економски аналитичари оценија дека овие мерки само во мај ѝ обезбедиле 2,4 милијарди долари за Русија.