Шведска беше првата држава од ЕУ која во 2014 ја призна Палестинската држава и една од најширокоградите европски земји во поглед на пружањето уточиште на бегалците од Блискиот исток и Африка. И покрај сериозните и издашни напори за интеграција на тој новодојден бран, досегашните резултати се прилично разочарувачки за добрите домаќини.
Самите тоа веќе го именуваат како „шведски проблем“ а шефот на најголемата опозициона партија смета дека постојат три столба за решавање на тој проблем со интеграцијата.
„Во Шведска луѓето работат, во Шведска луѓето говорат шведски, во Шведска луѓето почитуваат шведски закони“, порача лидерот на Умерената партија, Улф Кристерсон.
Тој посебно го истакна значењето на јазикот за вклопување во општеството и потсети дека самите дојденци треба да покажат волја и да вложат напор за да се интегрираат во новата средина.
„Затоа не треба да можете со години да живеете со државна помош а притоа да не дадете сè од себе за да го научите јазикот кој ќе ви помогне да најдете работа“, вели Кристерсон според чии податоци, половина од дојденците не наоѓаат работа ни девет години откако стапнале во Шведска.
По неодамнешниот потег на Трамп во врска со Ерусалим, со молотови коктели беа нападнати синагоги во Гетеборг и Малме, напади за кои се утврди дека стојат двајца Сиријци и еден Палестинец. Во неколку града се одржаа гневни протести на кои се бараше смрт за Евреите а во Стокхолм беа палени знамиња на Израел.
Во Малме мала група граѓани сакала да изрази поддршка за Израел но полицијата ги замолила да се разотидат бидејќи проценила дека не ќе може да ги спаси од илјадниците бучни и воинствени про-палестински демонстранти кои се упатиле кон нив.
Историски анти-семитизмот се поврзува со домашната екстремна десница иако едно истражување од 2013 година покажува поинакви резултати: 51% од инцидентите на оваа тема ги извеле дојденци, 5% десничари и дури 25% левичарски екстремисти.
„Шведските политичари немаат никаков проблем да го осудат анти-семитизмот кој доаѓа од домашните десничари. Но, истовремено постои големо колебање да се зборува за говорот на омраза кој доаѓа од членови на некои други малцински групи. Стравот да не бидат обвинети за нетолеранција кон малцинствата ги има парализирано шведските лидери на вистински начин да се постават кон ваквата длабоко вкоренетата нетрпеливост“, пишува Паулина Неудинг, во текстот за Њујорк тајмс “Непријатната вистина за шведскиот анти-семитизам“.