Неуспесите уште еднаш ја водат Урсула нагоре

Викаат дека за наследник на Столтенберг на чело на НАТО, Џо Бајден ја бутка Урсула фон дер Лејен. „Кога клучните прашања се решаваат со договори под тезга, завршувате со најлошите можни кандидати, во најлошо можно време. Завршувате со Урсула фон дер Лајен – политичарка која секој неуспех ја води уште погоре“.

Политичката кариера на претседателката на Европската комисија,  Урсула фон дер Лејен, е проткаена со неспособност и некомпетентност. Таа е сериозно непопуларна меѓу гласачите, има недоверба од колегите и редовно е заглавена во скандали. А сепак, продолжува да се искачува по скалилата на меѓународната политика.

Се чини дека фон дер Лејен може да очекува нова кариерна частенка. Според Телеграф, Џо Бајден ја бутка неа за следен генерален секретар на НАТО откако Столтенберг ќе замине во 2024 година.

„Ова треба да го вклучи алармот. Што и да мислиме за НАТО, тешко дека би можело да постои полош кандидат да ја води Алијансата од неа, особено во моментов, кога поради војната во Украина, НАТО се соочува со еден од најсериозните предизвици во своето 73-годишно постоење“, пишува Фрајзер Мајерс.

Таа им беше октроирана на граѓаните на Европа во 2019 година кога беше единствената неимпресивна кандидатка. Всушност, некои тврдат дека токму поради тоа била избрана.

„Кога лидерите на ЕУ избираа... тие намерно избегнуваа кандидати со поголемо искуство, харизма или итрина“, се вели во еден извештај на Блумберг. Европскиот совет очигледно сакаше лидер на Комисијата кој лесно може да го притисне.

Нејзината неспособност стана јасна кога се соочи со својот прв голем предизвик - пандемијата во 2020 и 2021 година. Додека се фалеше дека презема „лична одговорност“ за програмата за вакцинација, дистрибуцијата одеше неславно и побавно од други места во светот. Настрана сомнежите околу зделките со Фајзер (види овде, овде, овде, овде...)

Можеби ја квалификуваше нејзиното искуство во прашањата за одбраната бидејќи беше министер за тој ресор во владата на Ангела Меркел?

„Напротив, дури тоа беше нејзиниот најголем неуспех. За време на нејзиниот мандат германската армија и нејзината опрема беа сериозно деградирани. Војниците мораа да користат мобилни телефони за да комуницираат поради недостаток на опрема за шифрирање. Армиските пушки се покажаа неупотребливи на високи температури. И најнеславно од сè, војниците во еден момент беа принудени да изведуваат воени вежби со метли наместо со пушки“, потсетува Мајерс.

Како министер за одбрана, фон дер Лејен трошеше огромни суми пари на надворешни консултанти, беше обвинувана за непотизам при доделувањето договори, но, како и за вакцините, сите докази од нејзиниот мобилен телефон беа избришани пред сомнежите да бидат соодветно испитани.

Па сепак, ниеден од овие неуспеси и скандали не го попречи нејзиниот метеорски успех. Таа стана дел од недопирливата меѓународна аристократија.

„Тоа се случува кога јавноста ќе биде тргната од политиката, кога клучните теми се решаваат со договори под тезга. Завршувате со најлошите можни кандидати, во најлошо можно време. Завршувате со Урсула фон дер Лејен – политичарка која секој неуспех ја води уште погоре“, пишува Мајерс.

******************

Бонус од Зоран Милановиќ:

 

 

6 јули 2023 - 16:40