
Програмата им овозможуваше на мигрантите што „исклучително добро се интегрирале“ да добијат германско државјанство по само три години поминати во земјата. Вообичаениот период е пет години. Тој нема да биде променет.
Гласањето помина невообичаено лесно, бидејќи предлогот на коалициската влада на канцеларот Фридрих Мерц беше еден од ретките што доби поддршка од најголемата опозициска партија Алтернатива за Германија, која сега има највисок рејтинг во земјата.
Германскиот пасош треба да биде крај на процесот на интеграција, а не почеток. Треба да биде признание за успешна интеграција, а не поттик за нелегална миграција, изјави министерот за внатрешни работи Александар Добриндт од владејачката Христијанско-демократска унија.
Законот за државјанство по брза постапка беше усвоен лани од владата на социјалдемократот Олаф Шолц. Еден од условите што Мерц им ги постави на СПД за да учествуваат во новата коалиција беше да се откажат од либералните закони за мигрантите. Социјалдемократите досега дадоа согласност само за Програмата за брза постапка, кој и не беше кој знае колку користен.
Германија со децении заостануваше зад неколку други европски земји дозволувајќи двојно државјанство само на лица со пасоши од друга членка на Европската Унија. Во јули 2024 година, коалицијата предводена од СПД, во која беа вклучени Зелените и неолибералните Слободни демократи (ФДП), отвори уште две патеки за добивање државјанство, кои им дозволуваа на дојденците да го задржат и пасошот од матичната држава.
Првиот закон го скрати од 8 на 5 години времето на задолжителен престој во Германија пред да се аплицира за државјанство и бараше сертификати за средно ниво на познавање на германскиот јазик и за приходи што се доволни за издржување на семејството. На мигрантите што „исклучително добро“ се интегрирале – го владеат германскиот јазик на повисоко ниво и добро заработуваат, им беше овозможено да аплицираат за државјанство по само три години.
Оваа можност досега се користеше ретко, што може да се толкува како доказ за бавното интегрирање на стотиците илјади мигранти што пристигнаа во Германија пред една деценија.
Анкета на државната телевизија АРД покажа дека лани во Берлин за итната постапка аплицирале само 573 лица, што претставува само 1,02% од сите апликации за државјанство. Во Заклучно со април 2025 година, во Баварија аплицирале 78 лица, а во Баден-Виртемберг 16. Во истиот период преку вообичаениот процес германско државјанство добиле рекорден број од 300.000 луѓе.
Опозициски политичари предупредија дека укинувањето на законот нема значително да се одрази во општеството, но може да обесхрабри да доаѓаат висококвалификувани мигранти, кои сега ѝ се потребни на Германија и на нејзината индустрија.
******
Види и: Година на пресврти во Германија: На ред се мигрантите