За новогодишниот викенд украинската противвоздушна одбрана се пофали дека ги соборила сите 80 дронови лансирани од руска страна, резултат што по зборовите на портпаролот на украинската авијација „до сега не е постигнат.“
Тоа што забележуваат воените експерти на ваквиот напредок на украинската ПВО е дека успехот е постигнат со земја-воздух проектили кои чинат далеку повеќе отколку дроновите што ги соборуваат, и на долг рок тоа може да оди во корист на Москва.
Процените на Артем Старосиек, првиот човек на украински Молфар, консултантска компанија која учествува во одбраната на Украина, чини седум пати повеќе да собориш дрон со ракета отколку да лансираш дрон. Нешто слично порача и Зеленски, според кого Русија игра на тоа да го „истошти нашиот народ, нашата ПВО и нашиот енергетски сектор.“
Од Молфар проценуваат дека од септември Русија има лансирано околу 600 дронови во Украина и во операциите ја осакати енергетската, грејната и водоводната мрежа низ земјата.
Најголем дел од овие 600 дронови се од моделот Шахид-136, кои Русија релативно евтино успева да ги набави од Иран. Наспроти нив, најголем дел од одбраната на Украина е составена од скапи западни системи.
„Самоуништувачките дронови можат да чинат и по 20.000 долари за да се произведат, додека цената за испукување на земја-воздух проектили може да се движи од 140.000 долари за ракета од советскиот С-300 систем, до 500.000 долари за ракета од американскиот НАСАМС,“ пишува Метју Биг во текстот за Њујорк тајмс.
На почетокот од војната дроновите се користеа главно за извиднички мисии плус саботажи во некакви „домашни“ решенија за закачување експлозив. Како што Украина тргна во контраофанзива а Русија се утврди на линиите од есеноска, така руската војска почна со користење на Шахид-136 дроновите и тоа со голема успешност во уништување на украинската инфраструктура. Во првичните напади Украинците успеваа да ги соборат руските дронови и со лесно оружје заради што руската страна целосно се префрли на ноќни напади.
Аналитичарот на институтот Студии за војната, Џорџ Барос, смета дека Украина веќе користи далеку покомплексна и поскапа противвоздушна одбрана за да ги заштити клучните системи и инфраструктура. Неговата математика пак е поинаква, „поевтино е да собориш дрон отколку да поправиш уништена електрана.“
За аналитичарот од лондонската Чатам хаус, Украина моментално има доволно оружје за да се справува со заканата од руски дронови.
„Цената е нерелевантна се додека Западот продолжи да обезбедува воена помош за Украина. Проблемот за Киев е што тие во моментот немаат доволна залиха на муниција во својот ланец на одбрана за да ги соборуваат дроновите,“ изјавил Метју Булег.
Самите украински власти предупредуваат дека Русија подготвува партнерство со Иран за производство на овие дронови на руска територија, што сериозно ќе ја тестира решителноста на Западот на долг рок да продолжи да ја поддржува и снабдува Украина со муниција и оружје за нивно соборување.
Освен разликата во трошокот проблем е и што Русите се имаат адаптирано на украинската одбрана, па дроновите се лансираат вечерно време и главно летаат по реката Днепар која од истокот на Украина стига до Киев па и понатаму до белоруската граница. Летањето над Днепар е клучно за успехот на нападите, бидејќи ПВО радарите не ги фаќаат метите што летаат под висината на која се наоѓа радарската антена, а речното корито нуди отворена „писта“ без препреки како шума или ридови.
„Радарската антена што ја открива метата не гледа ако метата лета под нивото на кое се наоѓа антената,“ објаснува портпаролот на украинската воена авијација, Јуриј Ихнат.