По посетата на Лавров на Анкара, турскиот министер за одбрана објави дека речиси е договорено во Црното море да се отвори коридор за жито обезбедуван од турската морнарица.
Претходно Зеленски бараше гаранции дека руски бродови нема да го користат коридорот за жито за излегување од Црното море, а руската страна бараше да биде дозволено морнарицата да ги претресува бродовите што ќе влегуваат во украинските пристаништа дали носат оружје. Шојгу изјави дека пристаништата под руска власт, Бердијанск и Мариопул, веќе почнале да работат.
Вознемирувањето околу украинското жито е затоа што Украина е четвртиот по големина извозник на жито во светот, а на Русија и Украина отпаѓаат 40% од целата пченица што се троши во Африка, каде цените веќе се пораснати за речиси 23%.
Неочекуваниот оптимизам што дојде од Турција беше начекан на волеј од советникот на украинскиот министер за земјоделство, Маркијан Дмитрасевјич, кој потсети дека дури и Русија во истиот момент да ја крене блокадата на украинските пристаништа, и понатаму остануваат илјадници поморски мини кои пловат околу пристаништето во Одеса и на други локации.
Дмитрасевјич објаснил дека Украина моментално извезува максимум по 2 милиони тони жито месечно, пред војната ова било 6 милиони тони, и дека ќе им биде потребно најмалку до крајот на годинава да ги расчистат сите мини.
„Мислам дека ја достигнавме границата.
Најголемата количина што можеме да ја извезуваме е 2 милиони тони месечно,“ порачал Дмитрасевјич.
Се проценува дека околу 20 милиони тони жито се заглавени во силосите околу Одеса заради блокада на тамошното пристаниште.
Внатрешниот украински проблем со житото е што силосите им се уште полни а веќе е во тек или ќе почне годинешната жетва, за која нема да има капацитет каде да се смести.
Украинците бараат ЕУ да изгради силоси во близина на украинската граница и да ја прошири железничката пруга до земјоделските центри на Украина за транспортот на жито да се одвива побрзо. Во Украина и понатаму се користи пошироката советска пруга, заради што украинските вагони со жито на граница со ЕУ мора да бидат претоварани во европски вагони компатибилни за тамошните шини.