Не е лесно да си татко на Грета Тунберг

„Сега е среќна, ама уште ме секира“, признава таткото на младата активистка откривајќи дека за еко-каузата Грета прво се вежбала на него и на мајка ѝ. Добила сила кога успеала да ги убеди таа да не користи авион а тој да стане веган.

BBC организирaше да се запознаат „лицето“ и „гласот“ на планетава: Грета Тунберг и сер Дејвид Атенбороу. Бидејќи Грета не лета со авион, средбата се случила преку Скајп а за прилогот разговарале и со таткото на девојчето кое беше номинирано за Нобелова награда за мир.

Тој открива дека Грета страдала од депресија „три или четири години“ пред да почне да им штрајкува со неодење на школо по што ситуацијата станала родителска ноќна мора кога почнала да одбива да зборува и да јаде. Побарале лекарска помош, Грета била дијагностицирана со Аспергер (форма на аутизам) по што тој решил да минува повеќе време со неа и сестра ѝ Беата а и мајка им (оперска пејачка и евровизиска учесничка) ги откажала ангажманите за семејството да биде заедно.

Во периодот кој следел Грета почнала сè почесто да се интересира и да зборува за климатските промени, станувајќи сè пострастна за таа тема. Дотаму што почнала да ги обвинува родителите дека се лицемери бидејќи „за какви човечки права се залагате со ваква клима?“

Таткото вели дека добила на „енергичност“ кога успеала да ги убеди да го променат животниот стил: мајка ѝ веќе да не патува со авион а тој да стане веган. Сега тој ја придружува на нејзините патувања по светот, какви што беа самитите во Њујорк и Мадрид.

„Ги правам тие работи не за да ја спасам климата туку да си го спасам детето. Имам две ќерки, тие ми се сè на светот и само сакам да се среќни,“ вели СвантеТунберг.

Тој вели дека иако уште се секира, Грета изненадувачки добро го поднесува сиот хејт кој на нејзина адреса се истура по социјалните мрежи и дека сега сака повторно да се врати на школо. А не ја крие и добрата вест дека таа наскоро ќе полни 17 години па нема да ѝ треба придружба за патување во странство.

 

30 декември 2019 - 17:23