НБА пензиски фонд

Играчите на НБА, кои минатата сезона во просек заработија по 5 милиони долари, од сега со сила ќе мора да штедат пари за пензија.

1% од вкупните "приходи од кошарка" на НБА од оваа сезона, или 34 милиони долари, ќе бидат одвоени за кошаркарите и инвестирани во нивно име. Допрва треба да се избере инвестицијата и да се одреди кој колкав процент ќе добие.

Пензионираните играчите ќе имаат пристап до парите пред почетокот на нивните пензии на 50 години, ама не порано од 45, објаснува адвокатот на синдикатот на НБА играчи.

Следната година, приходите од НБА се очекува да ја надминат границата од 4 милијарди долари, што значи дека ќе се зголеми и основицата која ќе биде вложена во фондот.

Исто така од почетокот на следната година, кошаркарите ќе мора да одвојуваат меѓу 5 и 10% од нивната плата за пензија. Тие автоматски ќе бидат вклучени во програмата и ќе треба сами да се одјават ако не сакаат да учествуваат.

Причина зад ваквата одлука е големиот број на НБА играчи кои банкротираа и покрај тоа што заработија стотици милиони долари во нивната кариера. Таков е случајот со Скоти Пипен, кој додека беше во Булс заработи 120 милиони долари, за на крај да банкротира. Истото му се случи и на Антоан Вокер, со заработени 110 милиони долари и на Латрел Спривел со заработени 100 милиони долари. За сега, шампион меѓу банкротираните е Ален Ајверсон, кој во својата кариера заработи 200 милиони долари.

13 јули 2012 - 08:51