Наместо за иновации, ЕУ ќе наоѓа пари за воени потреби

Соочена со непланираниот товар самата да се грижи за сопствената одбрана, Европа бара начини како да најде доволно пари за оружје и војска, а притоа да не ги загрози социјалната и здравствената политика, кои ги смета за свои фундаментални вредности. Есапот вели дека за новиот таргет од 5% за одбрана, потребни се нови 875 милијарди годишно. Оди објасни им на гласачите дека руската опасност е поголема од нивните секојдевни гајлиња.

Трамп неколкукратно се закани дека САД повеќе нема да им ја плаќаат одбраната на европските сојузници. Америка обезбедува две третини од буџетот на НАТО и за одбрана издвојува по 3,3 отсто од својот БДП, речиси двојно повеќе од европскиот просек од 1,9 отсто. Само 23 од вкупно 32 членки на НАТО лани ги задоволиле насоките да издвојуваат за одбрана барем по 2 отсто од својот БДП. 

И ние, јадните, сме меѓу „одличните“. 

Сега се бараат 5 отсто за одбрана, тоест НАТО.

Нè чекаат тешки денови, комплицирани одлуки па и досега неочекувани жртви што од нас ги бара безбедноста, забележа шефот на француската дипломатија Жан-Ноел Баро на конференцијата во Минхен.

Пострашни од финансиските може да бидат политичките проблеми во земјите скроени како социјални држави. Германскиот министер за одбрана Борис Писториус во Минхен предупреди дека кратењето на социјалните давачки заради купување оружје може да предизвика општествени поделби, од кои најголема полза би извлекле екстремните десничарски партии.

За да ги обезбеди парите, Европа ќе мора темелно да се трансформира. Континенталниот општествен договор по Втората светска војна почива на идејата на високи даноци заради социјална и економска безбедност, здравствена заштита и пензии. Многу граѓани веќе чувствуваат дека етаблираните партии го прекршиле тој договор, често на сметка на алиментирање на имиграцијата, па им го вртат грбот и гласаат за радикалните.

Издвојувањето 5 отсто од националните БДП би чинело вкупно 875 милијарди долари годишно, многу повеќе од тоа што членките сега може да го издржат.

Националниот долг на САД изнесува 120 отсто од произведените добра, а годишниот дефицит се движи околу 6 отсто. Долгот на Европа е 81,5 отсто од вкупниот БДП, а дефицитот е 2,9 отсто. Вака поставено, ако може Америка, зошто не би можела Европа?

Ќе се најдат економисти кои ќе пресметаат дека тоа е можно да се направи, ама треба да се најдат политичари кои на следните избори ќе имаат храброст да им објаснат на гласачите зошто дополнително им скратиле од социјалната сигурност и здравствена заштита.

Да потсетиме, не толку дамнешниот извештај на Марио Драги нарачан од Европската комисија (види: На ЕУ ѝ треба дупло посилен Маршалов план, инаку пропаѓа) посочуваше дека без сериозни инвестиции во иновации, Европа ќе стане маргинален играч во светската битка за пазари.

 

19 февруари 2025 - 14:17